Скопје, 11 февруари 2020 (МИА) – Северна Македонија се покажа како демократска држава, ги исполни бараните реформи и направи голем напредок во областа на меѓуетничките односи. Државата чекори кон евроатланскиот пат и направи повеќе од очекуваното од која било кандидатка, истакна денеска претседателот на Националното Собрание на Република Словенија, Дејан Жидан во обраќањето пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.
– Искрено посакував да можеме заедно да славиме уште еден важен чекор, а тоа е почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија. Со вашиот државен врв и граѓаните на вашата земја лично ги делев чувствата од разочарувањето од октомвриското гласање на Европскиот совет. Историска грешка, како што ја нарече претседателот на ЕК, иако беше краткотрајна сепак значеше одземена надеж за напредок на С. Македонија, истакна Жидан.
Спикерот на Словенечкото Собрание нагласи дека од лидерите на членките на ЕУ со сета сериозност очекува да ги исполнат своите претходни ветувања, и дека се надева на конструктивна расправа за методологијата за проширување врз основа на предлогот на ЕК кој е објавен пред неколку дена. Најави дека Западниот Балкан и неговата европска перспектива ќе биде клучен приоритет за време на словенечкото претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2021 година.
Гостинот од Словенија потсети дека неговата држава како прва веднаш по Грција го ратификуваше Протоколот што, како што нагласи, е доказ за поддршката и најдобрите желби за иднина на Северна Македонија.
-Станувате дел од силното сојузништво на држави со кои и досега сте ги делеле товарите на колективната безбедност во операциите и мисиите како во вашето непосредно соседство така и пошироко. Станувате дел од заедницата со која ги делите заедничките вредности, заложбите за чување на мирот, безбедноста и слободата на народите. А притоа добивате и можност и одговорност за соодлучување при разрешувањето на најважните безбедносни прашања. Со тоа поставивте темели за стабилност на вашата држава и доброто на граѓанките и граѓаните, порача Жидан.
Северна Македонија, рече тој, е една од приоритетните држави за Словенија во меѓународната развојна соработка и давањето техничка помош.
-Пред неколку часа нашите држави потпишаа Меморандумот за меѓународна развојна соработка меѓу двете влади за период од 2020 до 2021 година. Посебно ме радува што младите и нивното образование заземаат важно место во таа спогодба. Минатата академска година 933 македонски студенти во Словенија се здобиле со знаење под исти услови како словенечките студенти. Одличните односи на сите подрачја ги дополнува стопанската соработка која цело време расте а секако има потенцијал да ескалира и нагоре посебно во областа на инфраструктурата и енергетиката, истакна Жидан. бк/бак/