Утрински Весник
Македонија

ЛДП: Додека се шири западнонилската треска, институциите молчат – кој ќе одговара?

Ldp 960x505 1.jpg

Соопштение за јавност на ЛДП:

Додека западнонилската треска се шири, имаме заболени и веќе еден починат пациент, надлежните институции повторно се однесуваат како проблемот да ќе исчезне ако доволно долго молчат.

Ова не е тема за бирократски соопштенија и префрлање на топката од една институција на друга. Ова е јавно здравје и човечки животи.

Според досега објавените информации, епидемија е прогласена во Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, регистрирани се 26 случаи, а еден пациент е починат. Затоа прашуваме: што правеа институциите додека растеше бројот на заболени?

Кога го добиле првото предупредување? Кога сфатиле дека бројот на случаи расте? Дали и кога е извршена дезинсекција и со каков опфат? Кои биле утврдените ризични подрачја? Колку пари се обезбедени за итни мерки и, конечно, кој ќе понесе одговорност ако било задоцнето со превенцијата?

Не прифаќаме граѓаните да дознаваат од медиуми и социјални мрежи дека во нивната општина е прогласена епидемија, додека надлежните се кријат зад институционален молк.

Комарецот не знае каде завршува една, а почнува друга општина, па затоа е срамно Владата, Министерството, здравствените институции и општините да си ја префрлаат одговорноста додека заразата се шири.

Бараме Владата, Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје – Скопје и локалните самоуправи веднаш и јавно да соопштат што презеле досега, што ќе преземат во следните денови и кој конкретно е одговорен за секоја мерка.

За епидемија не се реагира откако ќе почнат да се бројат заболени и починати. Се реагира пред тоа. Тоа се вика превенција. Сè друго е неодговорност што граѓаните ја плаќаат со сопственото здравје.

Можете да прочитате

СДСМ бара Национален оперативен штаб и конкретни мерки за заштита од западно-нилската треска

Царинска управа: Пронајдени тројца илегални мигранти од Судан при контрола на камион со стока пријавена за увозно царинење

ТХП: 25 години од Охридскиот рамковен договор: Од мир до демократија, од правична застапеност до правда