Утрински Весник
Македонија

Малиот лексикон на големата политичка незрелост

6f5f5cd5 5162 4215 8fdd 616cd19605e9.jpeg

Пишува: Фатмир Битиќи, пратеник

Угнетувачкиот јазик не само што претставува насилство, тој е насилство.“ 

Тони Морисон, добитничка на Нобеловата награда за литература во 1993 година

Лексикон, во своето изворно значење, е збир на зборови преку кои еден јазик го именува, открива и опишува светот. А зборовите од кои е составен се многу повеќе од ознаки, во себе носат вредности, принципи, предрасуди, граници и односи. Во политиката, токму затоа, лексиконот може да се постави како референтна точка за оценка на карактерот на власта. Пред една политика да се преточи во закон, буџет или институционална одлука, таа најпрво се појавува како речник кој ја открива вистината за власта: како ја разбира моќта, како го гледа противникот, колку го почитува граѓанинот и дали во јавниот простор внесува достоинство или презир. Поради тоа политичкиот лексикон е морална мапа на владеењето.

Во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ во јавниот простор внесува мал, мисловно сиромашен и агресивен лексикон на демократска несозреаност. Од премиерот до носители на јавни функции, сè почесто слушаме речник на омаловажување, обезличување и сурово етикетирање. „Фрустриран и мизогин лик“, „удар во чело“, „талог“, „глодари“, „мекотели“, понижувачки споредби кон жени во политиката – множество на зборови што ја разоткриваат внатрешната политичка (не)култура на владејачката партија. 

Во демократијата има место за страст, судир, острина и силна критика. Политиката, во својата најдобра форма, е простор на спротивставени идеи и тешки прашања. Но,постои разлика меѓу острина и вулгарност. Острината може да содржи квалитети на демократски инструмент, може аргументирано да проблематизира одредена идеја или да отвори дебата, притоа не нарушувајќи ја моралната атмосфера. Спротивно, вулгарноста е авторитарен инстинкт кој изразува јазична бруталност насочена кон понижување и произведување на омраза. Меѓу овие две одредници се исцртуваат маргините на политичкиот избор: дали јавниот збор ќе биде средство за аргументирана борба на идеи или оружје за обезвреднување на човекот.

Во овој контекст се препознава и јазичниот изборот на ВМРО-ДПМНЕ. Кога премиерот лесно зборува со речник на лична дисквалификација, а другите функционери го следат неговиот вербален пример, имаме континуирана, „нормализирана“ серија од навреди, кои сигнализираат воопкружувањето што е пожелно и што ќе биде наградено. 

Некој ќе рече дека „тоа е само реторика“. Токму од тоа „само“ започнува институционалната и општествена ерозија која ја предизвикува грубиот збор. Малите оправдувања стануваат активен чинител во создавањето на голема морална штета. Границите се поместуваат, достоинството се релативизира, јавниот простор се претвора во сцена каде што најгласниот презир се прогласува за најголема сила.

Во авторитарна атмосфера, деградацијата на јазикот ја олеснува деградацијата на политиката. Зборовите почнуваат да дејствуваат како омилениот збор на премиерот – талог: се повторуваат, се навикнуваат, навлегуваат во секојдневието и постепено го менуваат моралниот слух на општеството. Движејќи се низ оваа политичка патека, доаѓаме и до опасниот момент во кој јавноста престанува да се шокира, односно се стерилизира од вредносен и морален општествен сензибилитет. Јазикот престанува да биде средство за разговор и станува алатка за распоредување на луѓето. Кој е „наш“, кој е „туѓ“, кој смее да зборува, а кој треба да биде турнат во морална сенка. Во таква политичка матрица, противникот или различниот не се побива со аргумент, туку се стигматизира како опасност.

Последиците од ваквиот политички лексикон веќе се чувствуваат во јавниот простор. Навредата сè полесно поминува како нормален дел од политичкиот ден, а вербалната корозија секојдневно ја нагризува политичката култура.

Првата штета ја трпи дебатата. Онаму каде што треба да се судрат идеи, се судираат навреди. Наместо визии и аргументи, граѓаните слушаат омаловажување и навреди.Вистината и фактите замолчуваат, анализата стануваздодевна, а навредата добива медиумска предност затоа што носи политички адреналин. На овој начин јавната расправа се спушта од разумно ниво во пазар на јавни дисквалификации, каде што вреди оној што погласно ќе повреди некого поради која било негова различност. 

Институциите и системот се тие што ја чувствуваат следната рана. Речникот насочен кон Судскиот совет, кон пратеници, медиуми, опозиција или кој било непослушен глас не исчезнува со крајот на говорот, тој останува како притисок, сенка и предупредување. Во оваа намерно создадена атмосфера институцијата е почитувана додека молчи, критиката е прифатлива додека не ја оспорува или предизвикува моќта, а од секоја јавна функција се очекува да биде поставена како говорница од која се испраќаат пораки на дисциплинирање. Институционално и формално сè постои, но суштински се намалува просторот за независност, достоинство и отпор.

Најболниот удар, сепак, паѓа врз човекот. Кога луѓето повторно и повторно се сведуваат на деградирачки етикети, политиката престанува да препознава граѓани со име, лице, труд, надежи, стравови, семејства и достоинство. Гледа категории погодни за напад. Низ таквиот речник човекот се ситни до етикета, а етикетата потоа полесно се гази. На овој начин, секоја деградирачка формулација во политичкиот говор ја стеснува човечката мера на достоинството во јавниот простор. Власт што денес лесно деградира со збор, утре уште полесно ќе деградира со одлука.

Во нашата татковина поларизацијата добива посебна тежинаи значење. Живееме во сложено, мултиетничко и институционално чувствително општество, во кое зборовите можат да смират, но можат и да потпалат. Можат да изградат доверба, но можат и да ја претворат различноста во сомнеж. Кога етничката припадност станува алузија, кога жената во политика се понижува затоа што зборува и кога критичарот се третира како непријател, тогаш јавниот простор постепено почнува да личи на мапа со исцртани ровови. Граѓаните не се повикуваат да размислуваат, туку да се распоредат.

Најскапа, воедно и најштетна на долг рок, е лекцијата што ја добиваат младите. Генерација што ја искусува политиката како арена на навреди, а не како јавна служба, расте со погрешна претстава за моќта. Од врвот учи дека бруталниот јазик носи внимание, дека понижувањето носи видливост идека повторувањето на навредата е доказ за лојалност. Сведочиме на политичка педагогија која „образува“ млади генерации со уверување дека за да бидеш силен мора да бидеш суров.

На крајот, секоја власт останува запаметена и по зборовите со кои владеела. Денес ВМРО-ДПМНЕ го гради тој спомен со пишувањето на својот мал лексикон на големата политичка незрелост, кој во сеќавањето ќе остави талог од навреди, страв и морална распуштеност.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Можете да прочитате

Не се брани уставниот суд – се брани уставот

Скопјанец тешко го повредил рбетниот мозок на тобоган, со владин авион вратен во Македонија

Не се брани удтавниот суд – се брани уставот