Утрински Весник
Македонија

ДКСК откри пет функционери со двојни функции, ќе се бара откажување од една од нив

Dksk.webp.webp

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) соопшти дека при редовните проверки утврдила неправилности поврзани со извршувањето на јавни функции и исполнувањето на законските обврски за поднесување изјави за имотна состојба и интереси.

Од ДКСК информираат дека по последната проверка на електронскиот систем за поднесување изјави за имотна состојба и интереси било утврдено дека пет лица истовремено извршуваат по две функции. За сите нив ќе бидат оформени посебни предмети, а по утврдувањето на фактичката состојба, доколку се потврди дека станува збор за законски неспоиви функции, од нив ќе биде побарано да се откажат од една од функциите што ги извршуваат.


Покрај тоа, ДКСК ќе иницира и прекршочни постапки согласно одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, поради непочитување на законските ограничувања поврзани со вршењето јавни функции.

Воедно, Комисијата извршила проверка на изданијата на „Службен весник на Република Северна Македонија“ за месец март 2026 година, како и увид во сопствената евиденција, при што било утврдено дека 38 лица кои во текот на март биле избрани, именувани или разрешени од функција не ја исполниле законската обврска за поднесување изјава за имотна состојба и интереси во предвидениот рок.

Против овие лица, ДКСК ќе покрене прекршочни постапки согласно законските одредби кои предвидуваат санкции за неподнесување на изјавите во законски утврдениот рок.

Од Антикорупциската комисија потенцираат дека и понатаму ќе продолжат со редовните контроли и следење на почитувањето на законските обврски од страна на носителите на јавни функции.

Можете да прочитате

Зголемен бројот на ученици и студенти сместени во домови и интернати

Ресенец нападнат од мечка додека собирал печурки во Курбиново

Oдземени две товарни возила со криумчарена стока на македонско- косовската граница