
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Русија и Украина ќе постигнат договор за ставање крај на војната, наведувајќи дека тој договор „веќе долго време се разработува“, дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е „многу ефикасен“ и „врши неверојатна работа“, како и дека се надева оти наскоро ќе дојде до средба меѓу Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.
-Путин ќе се сретне со Зеленски и нешто ќе произлезе од тоа. Нешто позитивно, се надевам дека тоа ќе се случи наскоро – изјави Трамп на маргините на самитот на НАТО, заедно со Зеленски.
Трамп оцени дека и Зеленски и Путин се „тешки карактери“, но дека и двајцата сакаат да ја завршат војната. Зборувајќи за украинските напади длабоко во руската територија, тој рече дека станува збор за ескалација која „може да помогне да заврши војната“.
Трамп истакна дека со Зеленски имале „добар состанок“ и развиле „многу добар однос“. Тој додаде дека Украина има огромен потенцијал во ретки земјени метали, а САД „имаат свој влог“ во тоа.
Американскиот претседател навести дека Европа и Украина би можеле да добијат лиценци за производство на американските ракетни системи „Патриот“.
На прашање за санкции против Русија, рече дека постои голем притисок врз Путин и дека „не мисли оти му се допаѓа ова што се случува“. Трамп изјави дека би сакал да ѝ понуди безбедносни гаранции на Украина и најави работа на „некој вид безбедносен пакет“. Тој додаде дека Русија многу ги почитува САД.

