Утрински Весник
Македонија

Вториот пензиски столб на обвинителна клупа – дали е тој виновникот или само последица?

Trlinmiroslav.jpg

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија

Во последно време сѐ почесто во јавноста се отвора прашањето дали вториот пензиски столб ги оправдал очекувањата по повеќе од две децении од неговото воведување. Во услови кога Пензискиот и инвалидскиот фонд (ПИОМ) се соочува со постојан дефицит и значителна зависност од буџетски трансфери, вниманието природно се насочува кон реформата со која беше воведен тростолбниот пензиски систем.


Но дали навистина вториот столб е причината за проблемите на пензискиот систем или, пак, тој е само една од последиците на подлабоки економски и демографски процеси кои траат со децении?

За да се даде објективен одговор, потребно е проблемот да се разгледува пошироко и подлабоко од дневнополитичките расправи.

Пензискиот систем сам по себе не создава средства. Тој само ги распределува средствата што претходно ги создала економијата преку трудот на вработените, преку придонесите од плати и преку буџетските приходи. Оттука произлегува едно едноставно, но суштинско прашање: кој ја полни пензиската каса?

Одговорот е јасен – пензиите денес ги финансираат вработените и економијата што создава нова вредност. Колку е посилна економијата, толку е посилен и пензискиот систем. Колку е послаба економската база, толку се поголеми проблемите во финансирањето на пензиите.

Во изминатите децении Македонија се соочува со повеќе процеси кои директно влијаат врз стабилноста на пензискиот систем. Дел од индустриските капацитети исчезнаа во транзицискиот период, бројот на вработени во реалниот сектор не растеше со потребната динамика, а значителен дел од младото и работоспособно население ја напушти државата во потрага по подобри економски услови и поголема правна сигурност.

Истовремено, населението старее, а бројот на пензионери расте побрзо од бројот на нови осигуреници. Последицата е позната: сѐ помал број активни работници треба да обезбедуваат средства за сѐ поголем број пензионери.

Во такви услови беше воведен вториот пензиски столб. Неговата основна цел беше дел од придонесите да се акумулираат на лични сметки на осигурениците и преку инвестирање да создаваат дополнителни средства за идните пензии. Со тоа требаше постепено да се намали притисокот врз државниот пензиски систем.

Сепак, воведувањето на вториот столб создаде и таканаречен транзициски трошок. Дел од придонесите што претходно остануваа во ПИОМ започнаа да се префрлаат во приватните пензиски фондови. Тоа значеше дека за исплата на тековните пензии државата мораше да обезбедува дополнителни средства преку Буџетот.

Но дали токму тука се наоѓа суштината на проблемот?

Доколку вториот столб не постоеше, дефицитот во ПИОМ навистина ќе беше помал. Но би останале истите демографски трендови, истото иселување, истиот недостиг на квалификувана работна сила и истата потреба од буџетска поддршка на пензискиот систем.

Оттука, вториот столб не може да се прогласи за единствен виновник за состојбите во пензискиот систем. Тој може да се смета за еден од факторите кои влијаат врз тековниот дефицит, но не и за негов основен причинител.

Вистинското прашање е дали државата денес создава доволно нова економска вредност за да обезбеди стабилен и одржлив пензиски систем во иднина.

Токму затоа решението не треба да се бара во краткорочни политички козметики, туку во јасни и долгорочни правила засновани врз реалниот економски потенцијал на државата. Неопходна е темелна анализа на структурата на вработеноста, нивото на платите, продуктивноста на трудот, демографските движења и капацитетот на Буџетот да ги поддржува обврските на пензискиот систем.

Во таа насока заслужуваат внимание и предлозите за појасно и потранспарентно дефинирање на буџетското учество во финансирањето на првиот пензиски столб. Ако државата и денес значително учествува во исплатата на пензиите преку буџетски трансфери, тогаш оправдано е да се отвори стручна расправа за најсоодветниот модел на законско уредување на тие средства.

Но ниту едно законско решение нема да даде трајни резултати доколку не се зајакне економската основа од која се финансираат пензиите. Без повеќе работни места, без повисока продуктивност, без повисоки плати и без задржување на младите и образовани кадри, ниту еден пензиски модел нема да може долгорочно да ја обезбеди посакуваната стабилност.

Затоа, кога денес повторно се преиспитува улогата на вториот столб, можеби најважно е да се постави едно поинакво прашање: дали проблемот е во начинот на распределба на средствата или во фактот што сѐ помалку луѓе создаваат средства што воопшто можат да се распределуваат?

Одговорот на тоа прашање може да биде клучот за разбирање не само на сегашната состојба на ПИОМ, туку и на иднината на пензискиот систем во Македонија.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Можете да прочитате

Професорка на Универзитетот во Штип уапсена за поткуп, земала 300 евра од студент за да положи испит

Исмаил: За Изборниот законик немаше консензус – во последен момент е вметнат член што предвидува казни до 8.000 евра за објави на социјалните мрежи

When in Krusevo 2026 – три дена исполнети со авантура, музика, природа и незаборавни доживувања