Утрински Весник
Македонија

М-НАВ прво ја одбил, па следниот ден ја одобрил 7 милионската позајмица

Img 2245.jpeg

Македонска навигација (М-НАВ) повторно се најде во фокусот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Како што објави „Фокус“, до Обвинителството се поднесени повеќе кривични пријави против членови на Управниот одбор, а последното дополнување било доставено на 18 август.

Во центарот на случајот е краткорочната позајмица од седум милиони евра за Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), која М-НАВ ја одобри откако Владата претходно донела заклучок со кој го задолжила друштвото да ги обезбеди средствата.

Според документите на кои се повикува „Фокус“, Управниот одбор на М-НАВ на 16 јули 2026 година првично одбил да ја одобри позајмицата. Во образложението, според наводите од пријавата, биле посочени можни законски пречки, финансиски и правни ризици, како и опасност за ликвидноста и репутацијата на друштвото.

Како дополнителен аргумент се наведува мислење од Агенцијата за цивилно воздухопловство од истиот ден, во кое, според подносителите на пријавата, било укажано на ризиците од ваквата трансакција.

Само еден ден подоцна, на 17 јули, Управниот одбор донел нова одлука со која сепак ја одобрил краткорочната позајмица од седум милиони евра за ЈПДП. Во кривичната пријава се тврди дека како основа за промената на одлуката било наведено задолжението од Владата.

Пари дадени во евра, вратени во денари

Новиот момент во дополнувањето на кривичната пријава се однесува на начинот на кој биле вратени парите.

Според наводите во документот што го објавува „Фокус“, ЈПДП на 13 август ги вратило средствата, но позајмицата била исплатена од девизната сметка на М-НАВ во евра, додека враќањето било извршено на денарска сметка.

Подносителите на пријавата тврдат дека поради разликата меѓу куповниот и продажниот курс при конверзијата, М-НАВ претрпела директна финансиска штета од околу 50.000 евра.

Според нив, фактот што главницата од седум милиони евра е вратена не ја поништува евентуално настанатата финансиска штета, ниту евентуалната одговорност што ја посочуваат во пријавата.

Во кривичната пријава се тврди дека одговорните лица ја искористиле службената положба и ги пречекориле овластувањата, постапувајќи спротивно на законските прописи, меѓународните договори и принципите за наменско користење на средствата. Ова се наводи на подносителите на пријавата, за кои конечна оценка треба да дадат надлежните институции.

Се повикуваат и на правилата на ЕУРОКОНТРОЛ

Во документите се отвора и прашањето за потеклото и намената на средствата на М-НАВ.

Подносителите посочуваат дека М-НАВ приходите во значителен дел ги обезбедува преку надоместоци за воздушна навигација, во рамките на системот на ЕУРОКОНТРОЛ, и тврдат дека тие средства се строго наменети за трошоци поврзани со обезбедувањето услуги во воздушната навигација.

Како аргумент се наведуваат Законот за воздухопловство, Мултилатералната спогодба за надоместоци за прелети и принципите на ЕУРОКОНТРОЛ. Според подносителите, финансирањето патна инфраструктура преку позајмица на ЈПДП не претставува трошок поврзан со основната дејност на М-НАВ.

Дополнително, се наведува дека во владината листа на тековни проекти за јавни инвестиции, заклучно со 30 јуни 2026 година, како проект на М-НАВ е предвидена надградбата на македонскиот систем за воздухопловна навигација – втора фаза, а не финансирање проекти од патната инфраструктура.

Предупредуваат и на ризици од договорите со ЕБОР

Во пријавата се посочуваат и можни последици поврзани со кредитните договори на М-НАВ.

Се наведува дека договорот за заем со Европската банка за обнова и развој за надградба на системот за воздухопловна навигација содржи договорни ограничувања и дека, според толкувањето на подносителите, позајмување средства без потребно одобрение би можело да предизвика договорни последици.

Како можни ризици се посочуваат предвремена наплата на кредитните обврски, спор со кредиторите, проблеми со идното финансирање, како и одложување на проектите за модернизација на системот за управување со воздушниот сообраќај.

Вработени кои стојат зад пријавите предупредуваат и дека евентуално нарушување на ликвидноста би можело да има последици врз редовното работење и реализацијата на проектите на М-НАВ.

Според досега објавените податоци, М-НАВ во јули 2022 година склучила договор за заем со ЕБОР во вредност од 9,77 милиони евра, како и договор со Комерцијална банка во износ од пет милиони евра. Во февруари 2023 година бил склучен и договор за техничка помош со ЕБОР со грант од 406.000 евра.

Заклучно со крајот на 2025 година, според информациите што ги пренесува „Фокус“, од средствата обезбедени со заемот за проектите биле исплатени 3.874.381 евро, а од средствата за техничка помош 244.057 евра.

Случајот сега е пред Обвинителството, кое треба да ги оцени наводите и доказите доставени со кривичните пријави и нивните дополнувања.

Извор: Фокус.мк

Можете да прочитате

Се гасне пожарот во селата во Општина Студеничани

Мицкоски: Нема дилема дека разговараме со цел да се најде решение за ЕУ процесот, нашата позиција е јасна

Мицкоски: Во секое време сме подготвени да ги победиме СДСМ на избори