Утрински Весник
Македонија

Девет независни инцијативи бараат измени на Изборниот законик

Izbori.jpeg

Соопштение за јавност на девет независни граѓански иницијативи:

Ние, девет независните граѓански иницијативи бараме итни измени на Изборниот законик со кои ќе се изедначат условите за учество на изборите со оние што важат за политичките партии, за сите учесници да имаат фер, еднаков и реално достапен изборен процес.


Бараме граѓанските иницијативи неодложно да бидат вклучени во процесот на одлучување и носење на измените на Изборниот законик.

Најостро протестираме што Министерството за правда не одговори на листата со барања од независните иницијативи доставена на средбата во Министерството, со учество на девет независни групи. По средбата, не добивме јасен писмен одговор: дали нашите барања ќе бидат разгледани, дали се прифатливи, кои од нив ќе влезат во законските измени и кога ќе бидеме вклучени во суштинска расправа.

Нашите барања се:

  • Разумен, пропорционален и реално достижен број на потребни потписи за независни кандидати и листи.
  • Можност потписите да се собираат и на терен, пред овластени лица, по јасни и контролирани правила.
  • Продолжување на рокот за собирање потписи од 15 на 30 дена.
  • Јасно означување на независните листи со име на гласачкото ливче.
  • Ист реден број за кандидатот за градоначалник и советничката листа кога се од ист предлагач. 
  • Вистинска, еднаква и транспарентна ждрепка за утврдување на редоследот на гласачкото ливче.
  • Можност независните иницијативи да поднесуваат и делумни советнички листи, наместо задолжително целосно пополнети листи.
  • Можност кандидатот за градоначалник истовремено да биде и кандидат на советничката листа од истиот предлагач.
  • Еднаков пристап до медиуми, дебати, информативни програми, билборди и платено политичко рекламирање.
  • Еднаков пристап до финансирање и враќање на надоместокот според освоени гласови, под исти услови како за политичките партии.
  • Поедноставување на регистрацијата и финансиско-административните обврски за независните иницијативи, особено за оние што веќе освоиле мандати.

Демократијата не смее да биде резервирана само за партиите

Независните граѓански иницијативи кои имаат освоено советнички мандати на локалните избори бараат суштински измени на Изборниот законик со кои ќе се обезбеди фер, еднаков и реално достапен изборен процес за сите — не само за политичките партии, туку и за граѓаните кои се организираат независно.

Нашите барања не се барања за привилегии. Тие се барања за еднакви правила, за политички плурализам и за вистинско право на граѓаните активно да учествуваат во политичкиот живот без непропорционални административни, финансиски и медиумски бариери.

Демократијата не се мери само според тоа дали избори се одржуваат. Таа се мери според тоа дали граѓаните имаат реална можност да се организираат, да се кандидираат, да бидат видливи, да комуницираат со јавноста и да добијат фер шанса да ја побараат довербата на избирачите.

Во моментов, независните иницијативи формално имаат право да учествуваат на избори, но во пракса се соочуваат со систем кој е применлив за партиски структури: високи прагови за потписи, кратки рокови, сложени процедури, нееднаков пристап до медиуми, ограничена видливост на гласачкото ливче и непотребни финансиски и административни обврски. Тоа не е фер натпревар. Тоа е формално дозволено, но суштински ограничено учество.

Што бараме како независните иницијативи?

Бараме бројот на потребни потписи за независни кандидати и листи да биде разумен, пропорционален и реално достижен. Условите за кандидирање не смеат да бидат поставени така што ќе ги обесхрабрат или оневозможат граѓаните кои немаат партиска инфраструктура. Ова барање е во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, кои јасно укажуваат дека потписите може да бидат услов за кандидатура, но не смеат да бидат прекумерна бариера.

Бараме потписите да може да се собираат и на терен, пред овластени лица, со јасни правила и контрола. Државната изборна комисија нема канцеларии во значителен дел од општините, што значи дека граѓаните би морале да патуваат во друга општина само за да дадат потпис за поддршка. Тоа е дискриминација и бариера за политичко учество. Наместо граѓаните да се приспособуваат на администрацијата, администрацијата треба да биде достапна за граѓаните.

Бараме рокот за собирање потписи да се продолжи од 15 на 30 дена. Краткиот рок, во комбинација со ограничени локации за потпишување, создава сериозен притисок врз независните иницијативи и ги става во нерамноправна положба во однос на партиите кои имаат постојани структури, штабови и мрежи на активисти.

Бараме независните листи да бидат јасно препознаени на гласачкото ливче. Името на независната листа или граѓанската иницијатива мора да биде наведено во целост, а не избришано како што е сега. Гласачите не смеат да бидат ставени во ситуација да бараат кандидат или листа само преку име на носител или ознака „група избирачи”. Видливоста на гласачкото ливче не е техничко прашање — тоа е демократско право на информиран избор.

Бараме ист реден број за кандидатот за градоначалник и советничката листа кога доаѓаат од ист предлагач. Сегашната пракса создава конфузија кај гласачите: наместо да запомнат еден назив и еден број, тие се соочуваат со различни броеви за советничката листа и за кандидатот за градоначалник во истата општина или град. Тоа ја намалува препознатливоста на независните и создава нерамноправност во изборниот натпревар.

Бараме редоследот на гласачкото ливче да се утврдува со вистинска, еднаква и транспарентна ждрепка за сите учесници. Не смее да има посебни правила кои во пракса ги привилегираат политичките партии и ги туркаат независните кандидати и листи во понеповолна положба најдолу на листот.

Бараме можност независните листи да поднесат и делумна листа, а не задолжително целосно пополнета листа. Условот да се пополни цела листа ги ограничува индивидуалните кандидати и помалите граѓански групи кои имаат кредибилитет, поддршка и капацитет за еден или неколку кандидати, но не и за цела листа. Овој услов практично го ограничува правото на индивидуална кандидатура, спротивно на заложбите на ОБСЕ за право на граѓаните да бараат јавна функција без дискриминација.

Бараме кандидатот за градоначалник да може истовремено да биде и на советничката листа на истиот предлагач. Ова не значи извршување две функции. Доколку кандидатот биде избран за градоначалник, советничкото место се пополнува согласно правилата. Вакви решенија постојат во европската пракса и се важни за локалната политичка логика, особено кај независните иницијативи.

Бараме еднаков пристап до медиумски простор, дебати, информативни програми, билборди и платено политичко рекламирање. Фер избори не значат само можност да се поднесе листа. Фер избори значат и можност граѓаните да слушнат за таа листа, да ја препознаат и да ја споредат со другите понуди. Ако независните иницијативи се невидливи во медиумите, тогаш изборниот натпревар не е еднаков.

Бараме еднаков пристап до финансирање и враќање на избришаните правила за надомест според освоени гласови, под исти услови како и за политичките партии. Денес само независните групи имаат легитимитет, но немаат финансии за да продолжат да работат. Финансирањето според освоени гласови ја признава реалната поддршка од граѓаните. Тоа ја поддржува сериозноста, континуитетот и квалитетот на политичкото дејствување. Независните кои освоиле доверба од граѓаните не смеат да бидат третирани како привремен исклучок, туку како легитимни изборни учесници.

Бараме поедноставување на регистрацијата и финансиско-административниот режим за независните иницијативи, особено за оние кои веќе освоиле мандати. Ако една независна листа има советници во локален совет, таа има демократски легитимитет. Не е оправдано секој изборен циклус повторно да се третира како да не постои, со нови регистрации, нови сметки, нови даночни броеви и нови административни трошоци.

Нашите предлози имаат меѓународна поткрепа

Овие барања не се произволни. Тие се поткрепени со препораки на ОБСЕ/ОДИХР, со стандардите на Венецијанската комисија и со добри европски практики.

ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија одамна укажуваат дека изборните правила не смеат да бидат рестриктивни за непартиските кандидати и листи. Венецијанската комисија прифаќа дека може да постојат потписи како услов за кандидирање, но тие мора да бидат разумни и пропорционални. ОДИХР укажува и на потребата да се овозможи вистински простор за индивидуални кандидатури и за независно учество.

Копенхашкиот документ на ОБСЕ го потврдува правото на граѓаните да бараат јавна функција поединечно или како претставници на политички партии или организации, без дискриминација. Тоа значи дека правото на кандидатура не смее да биде само формално запишано во закон, туку мора да биде реално остварливо.

Во европската пракса постојат различни модели што овозможуваат пониски и пропорционални прагови за локални кандидатури, теренско собирање потписи, делумни листи или индивидуални кандидатури, како и можност кандидатот за градоначалник да биде и на советничка листа, при што неспоивоста се решава по изборите.

Министерството мора да одговори: граѓаните не смеат да бидат статисти во изборната реформа

Независните иницијативи доставија листа на барања до Министерството за правда. Средба беше остварена во Министерството, со учество на девет независни групи. Но, по средбата, не добивме јасен писмен одговор: дали нашите барања ќе бидат разгледани, дали се прифатливи, кои од нив ќе влезат во законските измени и кога ќе бидеме вклучени во суштинска расправа.

Дополнително, независните иницијативи подготвија и целосни амандмански и номотехнички формулирани предлози, изработени со стручна правна поддршка и подготвени за вградување во Изборниот законик. Според досегашниот тек на процесот, тие предлози не се земени предвид — барем не на начин кој е јавно или писмено соопштен.

Ова игнорирање на граѓаните и на иницијативите кои веќе имаат демократски легитимитет, освоени гласови и советнички мандати е најочигледен показател за ниското ниво на партиципативна демократија во изборната реформа.

Не може да се зборува за европски реформи, а во исто време од процесот да се исклучуваат оние кои непосредно ги почувствувале слабостите на системот. Не може да се зборува за граѓанско учество, а да се игнорираат граѓанските иницијативи кои веќе добиле доверба од избирачите. Бараме вистински консултативен процес, со писмен одговор, јавна транспарентност и суштинско разгледување на нашите предлози.

Не може да се зборува за политички плурализам, а да се слушаат само парламентарните партии. Плурализмот не е украс на демократијата. Тој е нејзина основа. Ако изборниот систем ги обесхрабрува граѓаните да се организираат независно, тогаш страда демократијата и слободата.

Затоа повикуваме Министерството за правда, работната група за Изборниот законик, Собранието, меѓународните партнери и јавноста да обезбедат изборната реформа да не биде уште еден затворен политички договор, туку вистински демократски процес во кој ќе учествуваат сите релевантни изборни чинители — вклучително и независните граѓански иницијативи.

Можете да прочитате

Мицкоски: За 34% е зголемен буџетот во културата, фокусирани сме на реализирање на капитални проекти

Средба на министерот Муцунски со министерот за надворешни работи на Република Литванија, Кестутис Будрис

Интернационалната полициска асоцијација викендов ги чистеше плажите во Охрид