Утрински Весник
Македонија

Емтоивна светска премиера на „Добри луѓе“ На Манчевски на Сараево филм фестивал

Svetska premiera na dobri luge.jpg

Документарниот филм „Добри луѓе” на Милчо Манчевски синоќа имаше светска премиера пред публика, која не можеше да ги скрие силните емоции. Филмот се прикажа во официјалната документарна конкуренција на 32. Сараевски филмски фестивал. 

После проекцијата во салата завладеа заглушувачка тишина, која траеше бесконечно – за потоа да биде разбиена со силен аплауз од емотивната публика. „Во оваа громогласна тишина се собра сета тага на Кочани што ја почувствува светот”, изјави режисерот Манчевски.

По аплаузот се одржа жив разговор со публиката која одушевено го прими филмот. Во разговорот, кој го водеше селекторката на програмата Рада Шешиќ, учествуваа Манчевски, директорот на фотографија Иван Ивановски и дел од соговорниците во филмот – преживеани од пожарот во дискотеката „Пулс” во Кочани. На премиерата присуствуваше и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, кој дојде од почит кон Манчевски, иако „Добри луѓе” е реализиран без финансиска поддршка од државата. Денеска е закажана уште една проекција на филмот во рамки на фестивалот.

„Добри луѓе” е снимен со минимална филмска екипа, само еден месец по пожарот во дискотеката „Пулс” во Кочани, во кој загинаа 63 млади луѓе. Манчевски го сними со свои средства, во знак на почит кон жртвите и преживеаните и на публиката ѝ ги носи непосредните сведоштва на тивките херои, кои се обидувале да спасуваат животи, но и на преживеаните. „Естетиката на филмот”, истакна селекторката Шешиќ „е воздржана и минималистичка за на тој начин уште посилно и поверодостојно да го соочи гледачот со страшните факти на трагедијата”.

 По премиерата, „Добри луѓе” продолжи да живее во разговорите помеѓу гледачите:

„Сведоштвата на преживеаните и понатаму непрестано ми се вртат во глава. Мозокот се обидува да ја процесира трагедијата и да создаде претстава за тој буквален пекол во кој се нашле тие луѓе, а сето тоа е толку морничаво, што умот упорно сака да го поништи и да го апстрахира. Филмот го доловува тоа чувство неверојатно верно, а на многу едноставен начин”.

„Ова не може да биде вистина”, ми одекнуваше во глава во некои делови од филмот, веројатно за да си олеснам. „Многу потресно”, е еден од впечатоците по проекцијата.

Друг гледач го опиша филмот како „Прекрасен, радикален, полн со човечност, речиси трансцендентен во својата суштинска едноставност”.

Пред и по премиерата, „Добри луѓе” и Манчевски беа во фокусот на меѓународните медиуми. Американскиот „Варајати”, „Синеуропа”, српските „Курир”, „Данас”, „Блиц” и „Нова”, италијанскиот „Progettoitalianews” итн… објавија интервјуа, текстови и осврти за филмот.

Во интервјуто за „Варајати”, Манчевски одговара на прашањата на филмската критичарка Рафа Салес Рос за одлуката, филмот да биде снимен со крајно воздржан израз:

„Почнавме да снимаме само еден месец по трагедијата. Одлучив Добри луѓе да биде екстремно аскетски, строг и минималистички, за да го избегнеме искушението за филмска манипулација. Го тераме гледачот директно, лице в лице, да се соочи со зборовите и лицата на хероите и на жртвите. Наша задача беше да не се мешаме. Ние вредно работевме во позадина филигрански да создадеме една голема приказна од десетиците лични приказни, ама сакавме да останеме невидливи. Воздржаноста е збор на денот, а изненадува колку напор треба за да се постигне тоа.”

Манчевски за „Варајати” вели и дека филмот го направил за да им даде глас на преживеаните, а нивното искуство да остане забележано за идните генерации.

Можете да прочитате

Три смртни случаи од западнонилска треска, 35 потврдени случаи

ДУИ:На Денот на Армијата на Република Северна Македонија, Министерството за одбрана официјално ја претстави како „Македонска армија”

СДСМ: Зошто се крие документ за водата во Гостивар и кој гарантира дека е безбедна?