
Македонија се враќа на евровизиската сцена. Земјава го потврди учеството на Изборот за песна на Евровизија 2027, кој во мај следната година ќе се одржи во бугарскиот крајбрежен град Бургас.
Враќањето доаѓа по повеќегодишна пауза – последното македонско учество на Евровизија беше во 2022 година во Торино, кога земјава ја претставуваше Андреа со песната „Circles“.
Бургас официјално беше избран за домаќин на Евровизија 2027, а натпреварот ќе се одржи во „Арена Бургас“. Полуфиналните вечери се закажани за 11 и 13 мај, додека големото финале ќе се одржи на 15 мај 2027 година.
Според најавите на градоначалникот на Бургас, Димитар Николов, организаторите се подготвуваат за голем број учесници.
„Повеќе од 40 држави, рекорден број земји, ќе учествуваат следната година“, изјави Николов.
Сепак, доколку бројката остане меѓу 40 и 43 земји, тоа не би претставувало нов апсолутен рекорд – досегашниот рекорд на Евровизија е 43 земји учеснички, постигнат во 2008, 2011 и 2018 година.
Според досегашните најави, меѓу земјите што се подготвуваат за настап во Бургас е и Северна Македонија, а особено внимание привлекува и Канада, чие вклучување би донело дополнителна меѓународна димензија на натпреварот.
Конечниот список на учесници допрва треба да биде објавен, па во наредните месеци ќе стане појасно колку земји навистина ќе настапат во Бургас.
Во Македонија, пак, сега се отвора најинтересното прашање – кој ќе ја претставува земјава по петгодишната пауза?
Во јавноста веќе се споменуваат повеќе познати имиња од домашната музичка сцена, меѓу кои Бојан Јовановски, Антониа Гиговска, Ивона Јо, Боби Андонов и Марио Арангеловски.
Засега нема официјална информација на кој начин ќе биде избран македонскиот претставник. Останува отворена можноста изборот да биде направен интерно, но и да се организира национален избор или фестивалски формат по примерот на некогашниот Скопски фестивал.
Со враќањето во 2027 година, Македонија повторно ќе добие можност да се обиде да го подобри својот најголем евровизиски успех. Најдобриот резултат досега го оствари Тамара Тодевска во 2019 година со „Proud“, кога заврши на седмото место во финалето и беше првопласирана според гласовите на стручното жири.



