Утрински Весник
Македонија

Неодамнешниот протест на албанските студенти во Скопје и реакциите на официјалните институции на Македонија и Албанија

Salim kerimi.jpeg

Меѓу легитимната грижа и можноста за мешање во внатрешните работи

Пишува: Салим Кадри Керими, историчар – дипломат во пензија


Неодамнешниот протест на албанските студенти во Скопје, покрај неговите внатрешно-политички импликации, отвори и пошироки дипломатски и регионални прашања, особено во контекст на реакциите што следуваа од Скопје и Тирана. Настанот предизвика внимание не само во македонската јавност, туку и во политичките и дипломатските кругови во Република Албанија, чии ставови и јавни настапи повторно ја отворија дилемата околу границата меѓу легитимната заинтересираност за положбата на Албанците во соседните држави и евентуалното мешање во нивните внатрешни работи.

Во изминатите денови, со свои изјави и реакции се огласија повеќе институции и личности, но најголемо внимание предизвика објавата на социјалните мрежи на амбасадорот на Република Албанија во Скопје, Денион Меидани (Denion Meidani). Неговите реакции предизвикаа различни толкувања — од оценките дека станува збор за поддршка на демократското право на протест, па сè до тврдењата дека се работи за недозволено мешање во внатрешните работи на Република Македонија.

Како што е познато, секој протест, вклучително и наведениот, претставува легитимно и со Устав загарантирано право на граѓаните во секоја демократска држава. Истовремено, и интересот што албанскиот или кој било друг амбасадор го покажува за положбата на своите сонародници во земјата домаќин може да се смета за легитимен. Самата грижа за припадниците на сопствениот народ во друга држава не мора автоматски да претставува мешање во внатрешните работи, доколку таа остане во рамките на меѓународните стандарди, дипломатската коректност и принципот на заемна почит.

Во таа насока, се наметнува суштинското прашање: дали албанскиот амбасадор во Македонија со своите постапки, како во конкретниот така и во некои претходни случаи, навистина ја преминал границата на дипломатската воздржаност? Односно, дали јавната поддршка што актуелниот албански амбасадор им ја даваше на одредени политички структури и опозициски субјекти меѓу македонските Албанци може да се толкува како посредно политичко позиционирање во рамките на внатрешната политичка сцена во Македонија, а со тоа и како форма на мешање во внатрешните работи на државата?

Проблемот настанува тогаш кога поддршката добива селективен карактер и кога дипломатските претставници оставаат впечаток дека фаворизираат одредени политички опции. Во конкретниот случај, дел од јавноста во Македонија стекна впечаток дека официјална Тирана не настапува како фактор на рамнотежа и стабилност, туку индиректно зазема страна во рамките на политичките релации меѓу албанскиот политички блок во земјата.

Во таа смисла, исто така, интересен е контрастот меѓу политиката на Тирана и однесувањето на официјална Приштина. Додека актуелната власт во Република Албанија, барем според перцепцијата на дел од јавноста, покажува извесна блискост со ДУИ и со одредени албански политички структури, премиерот на Косово, Албин Курти (Albin Kurti), отворено ја поддржува коалицијата ВЛЕН, која неодамна се трансформираше во единствен политички субјект. На тој начин, политичките влијанија од Тирана и Приштина индиректно се рефлектираат и врз политичката динамика меѓу Албанците во Македонија.

Историјата покажува дека ова не е прв случај на вакви релации. Во јавноста сè уште се памети периодот од почетокот на деведесеттите години, кога за време на владеењето на Сали Бериша (Sali Berisha) официјална Тирана на мошне отворен и директен начин застана на страната на фракцијата во ПДП, предводена од Арбен Џафери (Arben Xhaferi) и Мендух Тачи (Menduh Thaçi). Во тогашната политичка атмосфера, претседателот на ПДП, Невзат Халили (Nevzat Halili), јавно беше обвинуван дека е „предавник на албанската кауза“ и „соработник на српските тајни служби“. Таквите квалификации, изречени или поддржани од политички кругови блиски до официјална Тирана, оставија длабоки последици врз политичките односи меѓу Албанците во Македонија и создадоа впечаток дека соседна држава директно влијае врз внатрешните политички процеси.

Во неодамнешните случувања, дополнителна дилема предизвика и фактот што амбасадорот Меидани лично не се одзва на повикот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија за врачување устен дипломатски протест, туку во МНРНТ го испрати својот заменик. Во дипломатската практика, ваквите постапки често имаат и симболична тежина. Оттука, сосема е разбирливо што во македонската јавност се отвори прашањето дали со таквиот потег се испраќа порака на игнорирање или потценување на институционалната реакција на државата домаќин.

Актуелните случувања природно ги оживуваат старите дилеми: каде завршува легитимната грижа на „матичната држава“ за припадниците на истиот народ во соседството, а каде започнува недозволеното мешање во внатрешните работи на суверена држава? Одговорот на ова прашање не е едноставен. Во современите меѓународни односи, државите често покажуваат интерес за положбата на етничките, јазичните и културните заедници во соседството. Но, притоа мора внимателно да се почитуваат принципите на суверенитет, немешање и дипломатска воздржаност. Особено на Балканот, каде што политичките и етничките прашања лесно можат да добијат поширока регионална димензија, внимателниот дипломатски јазик и избалансираниот пристап имаат исклучително значење.

Токму затоа, наместо дополнително подигнување на тензиите на релацијата Скопје–Тирана, неопходно е вложување заеднички напори за нивно смирување и надминување преку дијалог и меѓусебно разбирање. Република Македонија и Република Албанија се соседни држави, сојузници во рамките на НАТО и земји што имаат заеднички интерес за европска интеграција, регионална стабилност и добрососедска соработка.

Во интерес на иднината на двете држави, но и во интерес на мирот и стабилноста на регионот и Европа во целина, политичарите и дипломатите од Скопје, Тирана и пошироко, и во иднина ќе мораат многу повнимателно да ја почитуваат тенката линија меѓу легитимната грижа за правата на делови од сопствениот народ што живеат во други држави и она што може да биде доживеано како директно или посредно мешање во внатрешните работи на соседна земја. Само врз основа на заемна почит, дипломатска зрелост и искрен дијалог може да се градат стабилни и долгорочни односи меѓу двете соседни држави и двата пријателски народа.

Можете да прочитате

Турски државјани нападнале скопјанец кој вршел достава

Скопјанец ја измамил својата партнерка за над 3700 евра

Маж и жена меѓусебно се пријавувале за семејно насилство