
Додека европските држави преминуваат кон слободни пазари и ги напуштаат државните монополи, некои велат дека Македонија свесно чекори кон криминализација на индустријата за игри на среќа. Нацрт-законот кој се турка сè повеќе наликува на веќе виденото албанско сценарио, кое под превезот на лажен морал отвори широк простор за нелегалното обложување и профитерство на поединци.
Уште во 2018 година, владата на Еди Рама во соседна Албанија прогласи целосна забрана на спортските обложувалници и казината, правдајќи се со „заштита на семејствата“. Меѓутоа, тамошната опозиција со години предупредуваше дека вистинската цел е елиминирање на легалната конкуренција за да се централизира монополот на онлајн обложувањето кај братот на премиерот, Олси Рама, за кој се сомневаше дека преку својот партнер си обезбедил 30-годишна концесија за мониторинг на овој бизнис. Сликата денес кај нас го наметнува прашањето: Кој ќе биде македонскиот „Олси Рама“ кој ќе застане на чело на новиот државен монопол?
Албанскиот експеримент заврши неславно. Самиот Рама подоцна призна дека забраната пропаднала и дека мафијата инкасирала огромни суми „на црно“. Ова резултираше со неодамнешно легализирање на онлајн обложувањето, но само за 10 ексклузивни лиценци наменети за елитата. Македонската Влада и вицепремиерот Меџити велат дека овој закон е за „заштита на младината“, но друга вистина излегува на виделина преку Членот 7 од предлог-законот: Владата воведува целосен државен монопол врз интернет игрите на среќа.
Асоцијациите АСОМ и АПИС континуирано алармираат дека овој закон ги жртвува работниците и го празни буџетот. Тие велат дека со ликвидацијата на 100% регулираните домашни компании, власта си обезбедува терен каде профитот ќе го контролираат политичките моќници, а затворањето на легалните објекти нема да ја спречи желбата за игра, туку само ќе ја пренасочи во темните подруми на мафијата и на странски нерегулирани сајтови, без никаква државна контрола.



