Утрински Весник
Македонија

Величковски: Државата е заглавена во затворен политички круг

Img 3039.jpeg

Лидерот на Движење за Нова Република, Ивон Величковски, порача дека новиот политички пристап што го нуди движењето се темели на јасен пресек со минатото, одговорност за сопствените грешки и конкретни мерки за борба против корупцијата. Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Величковски оцени дека државата предолго се движи во затворен политички круг.

Тој истакна дека формирањето на новото движење произлегло од потребата за нов почеток и преземање одговорност, потсетувајќи на својот неуспешен самостоен настап на изборите во 2016 година, по што поднел оставка од лидерската позиција во Либерална партија.


„Мораше да помине период во кој што сопствената грешка морав да ја ставам на увид на сите и таа одговорност се понесува“, изјави Величковски.

Тој посочи дека несогласувањето со постојаното коалицирање било една од причините за создавање нов политички субјект.

„Инсистирањето да се оди цело време со некого во коалиција за мене не беше прифатливо. Сакавме да направиме нешто ново и да не влечеме туѓ багаж“, рече Величковски.

Како суштинска разлика, тој ја наведе програмата составена од девет приоритети, во кои доминираат антикорупциските мерки. Според него, потребни се законски решенија за ветинг не само во правосудството, туку и во политичките партии, безбедносните институции, дипломатијата и медиумите.

Дополнително, предложи отворање на досиејата и проширена конфискација на нелегално стекнат имот.

„Не може поранешни функционери обвинети за корупција да ги префрлаат парите на блиски и потоа да ги користат“, нагласи тој.

Величковски побара и проширување на рестриктивните мерки кон лица кои се на меѓународни црни листи, посочувајќи дека тие треба да ги опфатат и лицата означени од Соединети Американски Држави, Обединето Кралство и Канада.

Според него, ваквите механизми веќе даваат резултати во регионот.

Можете да прочитате

Мицкоски во Виена на средба со македонската дијаспора: Убеден сум дека само заедно можеме да ја движиме државата напред

Мицкоски ја фрла МРТ во канџите на фантом фирми – Левица повикува да се спречи изборот на Ристоски за директор на јавниот сервис

Бакрески: Постапуваме по решението на ДПИ