
Поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, а сега обвинет во случајот ,,Лотарија”, излегува од притвор откако понудил гаранција од над еден милион евра. Инаку, притворот на Бајрами му истекуваше за 5 дена, по сила на закон.
-Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на одбраната на П.Б., првообвинет во предметот со К.бр.1494/26, познат во јавноста како „Лотарија“, поднесен на 14.10.2026 година за замена на мерката притвор со гаранција, донесе решение со кое предлогот го усвои, ја укина мерката притвор и прифати гаранција во износ од 1.140.781 евра, во недвижен имот.
Имено, надлежното Основно јавно обвинителство Скопје на 13.08.2026 година поднесе обвинителен предлог против П.Б. за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, за кое е предвидена казна затвор до 5 години. По предлог на надлежното обвинителство, на обвинетиот му беше определена мерка притвор по неговото пронаоѓање и лишување од слобода, имајќи предвид дека претходно не им беше достапен на органите на прогонот.
Согласно законските одредби од Законот за кривичната постапка, притворот во конкретниот случај не може да трае подолго од 60 дена. Обвинетиот на 09.09.2026 година сам се јави на издржување на мерката притвор во КПУ Затвор Скопје, поради што законскиот рок за траење на притворот истекува на 08.11.2026 година.
Имајќи ги предвид сите околности, Советот ја прифати понудената гаранција, а со цел обезбедување на присуството на обвинетиот во текот на судската постапка, истовремено му определи и дополнителни мерки за претпазливост, и тоа: одземање на патната исправа и забрана за издавање нова исправа за преминување на државната граница, како и обврска за редовно јавување во Судот.


