Утрински Весник
Македонија

Дали е време за намалување на бројот на пратеници во Собранието?

Sobranie.webp.webp

Од самото формирање во 1994 година македонското собрание брои 120 пратеници кои во последните две децении се бираат преку шест изборни единици кои даваат по 20 пратенички места.

Но ако се погледнат демографските податоци, јасно се воочува дека населението во Македонија рапидно се намалува.


Населението се намалува, бројот на пратеници е ист

Државата во овие 35 години независност има спроведено само два пати има спроведено целосен попис (пописот од 1994 година беше во голем дел бојкотиран од страна на албанското малцинство, додека пописот од 2011 беше прекинат по само неколку дена попишување) па оттаму единствено пописот од 2002 и оној од 2021 можат да се земта како релевантни.

Со пописот од 2002 година земјата броеше околу 2.022.000 жители, додека според последниот попис во 2021 година таа бројка се намали на околу 1.873.000. Трендот на намалување на населението продолжува и во 2026 година, што укажува на значително намалена демографска база во однос на периодот кога е утврден сегашниот број на пратеници.

Тоа значи дека за да станете пратеник пред 20 или 25 години ви биле потребни многу повеќе гласови отколку на пример на последните избори во 2024 година.

Сепак, во моментов, македонскиот парламент брои 120 пратеници – бројка која е дефинирана во време кога државата имала значително повеќе жители. Во услови на намалено население, но и ограничени буџетски ресурси, сè погласни се аргументите дека оваа бројка треба да се ревидира.

Заштеда и до еден милион евра годишно

Една од најчесто споменуваните опции е намалување на бројот на пратеници на 90. Оваа промена не би значела само симболично прилагодување кон новата демографска реалност, туку и конкретни финансиски заштеди. Ако се земе предвид дека просечната бруто плата на еден пратеник изнесува околу 2.000 евра месечно, намалувањето од 30 пратеници би донело значителен ефект врз буџетот.

На годишно ниво, 30 пратеници помалку би значеле заштеда од околу 720.000 евра само по основ на плати. Дополнително, тука не се пресметани други трошоци како патни надоместоци, дневници, административна поддршка, службени трошоци и други привилегии, кои би ја зголемиле вкупната заштеда на над еден милион евра годишно.

Тоа се пари што остануваат во Буџетот и можат да се искористат за подмирување тековни трошоци, но и за капитални инвестиции.

Во време кога граѓаните се соочуваат со раст на трошоците за живот, инфлација и економска неизвесност, ваквиот потег би испратил силна порака за одговорност и солидарност од страна на политичките елити. Намалувањето на бројот на пратеници не мора да значи намалување на квалитетот на демократијата, доколку се спроведе со внимателно редизајниран изборен модел кој ќе обезбеди фер и соодветна застапеност.

Сепак, ваквата реформа бара политичка волја и поширок општествен консензус. Станува збор за уставна категорија, што значи дека измените не се едноставни, но се остварливи доколку постои јасна визија за поефикасна и поодржлива држава.

Досега на политичката сцена се појавија неколку вакви иницијативи, но ова прашање заедно со една изборна единица останува незатворено и традиционално се јавува само во периодот околу избори.

Како е во регионот?

Ако ги погледнеме земјите во регионот, Македонија сепак не отстапува премногу во односот број на пратеници наспроти вкупно население.

Соседно Косово има парламент кој брои 120 пратеници, далеку помалубројната Црна Гора има 81 пратеник во регионот.

Од друга страна, Словенија која има сличен број на жители има 90 пратеници, додека соседба Албанија која има над еден милион жители повеќе од Македонија има парламент со 140 пратеници.

Можете да прочитате

Петровска: Мнозинството одби закон за електронски нараквици за заштита на жените

Савески ветува дека веќе нема да има предмети во фиока

Ацо Ристов во РКЕ e нова алка во бизнис мрежата на Мицкоски, велат од СДСМ