
Работата „на црно“ и ниската казнена политика се две од најголемите слабости кои дополнително ја загрозуваат безбедноста на македонските градилишта. На ова предупреди Борче Стојчевски од здружението „Тутела“, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според него, сегашниот систем на санкции не делува превентивно, туку во многу случаи ги охрабрува пропустите и неодговорното однесување.
Стојчевски откри дека честопати и самите работници бараат да не бидат пријавени и осигурани, за да ја земат дневницата „на рака“, но предупреди дека таквата пракса е исклучително опасна.
„Непријавениот работник не е само правен проблем, туку најголем ризик на градилиштето ако се случи несреќа“, посочи тој.
Дополнително, со почетокот на увозот на странска работна сила, Стојчевски изрази сомнеж колку тој процес ќе биде успешен ако не се почитуваат правилата за работни односи и безбедност при работа.
Тој оцени дека прекршочните казни за големите компании се симболични и не претставуваат вистинска закана.
„Има примери каде една фирма платила 13 или 14 прекршочни налози и продолжува да работи со истите пропусти. Тоа значи дека казната не им е вредна за внимание, туку е само ситен трошок“, вели Стојчевски.
Според него, при подготовката на новиот закон, експертите немале можност значително да ги зголемат глобите, бидејќи тие морале да бидат усогласени со Општиот закон за прекршоци.
Сепак, Стојчевски потсети дека Кривичниот законик предвидува многу построги последици кога поради непочитување на мерките за безбедност ќе дојде до тешка несреќа или смртен исход.
Тој нагласи дека постојат конкретни законски одредби кои предвидуваат кривична одговорност и затворски казни за лицата кои не постапиле согласно прописите за заштита при работа.
На крајот, Стојчевски заклучи дека целта не треба да биде казнување по трагедијата, туку создавање систем во кој санкциите ќе бидат доволно високи за компаниите навреме да инвестираат во безбедност и да не дозволат да се случи најлошото.


