Утрински Весник
Македонија

Ѓорѓиевски до властите: Кратете од луксузи, не од „зрнцето“ надеж за најранливите

Img 3406.jpeg

„Ако веќе се крати од буџетот, нека се крати од луксузите на функционерите, а не од лицата со попреченост“, дециден е лиценцираниот личен асистент Филип Ѓорѓиевски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, каде отворено говореше за состојбите во секторот социјална заштита и проблемите со кои се соочуваат и корисниците и асистентите.

Во разговорот, Ѓорѓиевски испрати остра порака до институциите, реагирајќи на информациите за буџетски кратења кои, според него, директно удираат врз најранливите категории граѓани.


Тој вели дека постои огромна разлика помеѓу политиките што се презентираат на хартија и реалноста што секојдневно се живее на терен. Според него, бирократските структури често немаат вистинска претстава за тежината на секојдневието со кое се соочуваат лицата со попреченост и нивните семејства.

„Не може да кажеме дека е исто. Кога нешто ќе се почувствува на своја кожа, е многу потешко. Колку се свесни институциите за тоа – не би знаел“, вели тој.

Главниот револт кај асистентите и семејствата, додава Ѓорѓиевски, произлегува од фактот што државата штеди токму таму каде што помошта е најпотребна, додека истовремено не се откажува од непродуктивни и непотребни трошоци.

„Мислам дека не е во ред да се крати кај најранливите категории. Ако веќе кратиме од буџетот на државата, ајде да скратиме кај некои други работи, кај некои луксузи што се тераат“, нагласува тој.

Ѓорѓиевски говореше и за тешката положба на личните асистенти, кои и покрај хуманата природа на професијата, сè потешко опстануваат поради намалените примања и нередовните исплати.

„Се случува последно кратење каде фактички платата ни е скратена за 40 проценти. Сумата не е нешто со што треба да се фалиме, а згора на тоа, исплатите доцнат со месеци во текот на годината“, истакна тој.

Според него, асистентите честопати се ставени во незавидна позиција – да избираат меѓу сопствените обврски и потребите на корисниците кои остануваат без поддршка кога часовите ќе завршат.

„Се трудам да останам плус, иако тоа не ми е платено, за да излезам во пресрет колку што можам. Но, тоа не е возможно секој ден“, вели Филип.

Тој смета дека свеста за потребите на лицата со попреченост во регионот сè уште не е на соодветно ниво и дека системот мора сериозно да се менува.

Идеалното решение, според него, би значело повеќе часови за корисниците, повеќе лични асистенти и достоинствено вреднување на трудот што тие го вложуваат секој ден.

„Хумана работа е, секој што има можност треба да се проба. Но, за да се мотивираат луѓето да се вклучат, потребни се повеќе часови и подобри услови, бидејќи не живееме во идеален свет“, заклучува Ѓорѓиевски.

На крајот, тој испрати силна порака до носителите на одлуки:

„Не е во ред да се кратат средства таму каде што има вистинска потреба. Тоа малку ‘зрнце’ што им го даваш, сега сакаш и тоа да им го земеш.“

Можете да прочитате

Скратени часови за лична асистенција: Семејствата оставени сами со најтешките обврски

Алиша со предизвик до градоначалниците: Возете се со затворени очи за да видите како „преживуваат“ слепите

„Живееме како во домашен притвор“ – жестоки критики од Алиша