
Во зајакната акциска контрола што денеска ја спроведе СВР Скопје, санкционирани се вкупно 113 возачи на мотоцикли, велосипеди со помошен мотор, трицикли и четирицикли. Контролата се реализирала во периодот од 12:00 до 20:00 часот на подрачјето на главниот град.
Според информациите од полицијата, најголем дел од прекршоците се однесуваат на неносење заштитна кацига, при што биле изречени 45 мерки. Дополнително, 17 санкции се изречени за лица кои управувале велосипед со помошен мотор без возачка потврда.
Четворица возачи биле казнети поради управување мотоцикл со несоодветна категорија, три мерки биле изречени за нерегистрирани мотоцикли, а уште три за неносење сообраќајна дозвола. Евидентирани се и две санкции за движење по несоодветна површина, како и две мерки за незастанување на даден знак.
Во текот на контролата, еден возач на мотоцикл бил лишен од слобода по член 297-а од Кривичниот законик, поради безобѕирно управување со возило.
Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови, со апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите за поголема безбедност на патиштата.

