Утрински Весник
Македонија

Чудните претскажувања на господинот Насер Селмани

Salim kerimi.jpeg

Пишува: Салим Кадри Керими, историчар – кариерен дипломат во пензија

Деновиве, со извесно задоцнување имав прилика да ја слушам содржината на настапот на поранешниот претседател на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, на подкастот Коридор 8, што бил реализиран на 1 февруари 2026 година. Разговорот го воделе Атанас Величков од студиото во Скопје и Георги Станков од студиото во Софија. Во текот на речиси тричасовната дебата, гостинот се осврна на повеќе актуелни прашања од внатрешно и надворешнополитички карактер. Пред да почнам со коментирањето на некои оценки и претскажувања на Селмани, сакам да нагласам дека со дел од неговите оценки, укажувања и прогнози во врска со актуелните случувања и можниот развој на состојбите во нашата земја целосно се согласувам. Слично како тој, и јас сметам дека во интерес на стабилноста и натамошниот просперитет на Република Македонија, крајно време е одговорните личности на земјата да престанат со секојдневните препукувања за споредни теми и прашања и со здружени сили да се насочат кон решавањето на суштинските предизвици со кои се соочува државата.

Во наведениот настап на Н.Селмани, неколку прашања главно од надворешно – политички карактер, според мене, беа третирани селективно и погрешно. При тоа, симптоматично е што во речиси тричасовната емисија гостинот и водителите, свесно или несвесно, не се осврнаа на следните клучни теми и прашања во македонско –бугарските односи: а) негирањето, од бугарска страна, на севкупниот (етнички, јазичен и културен) македонски идентитет и на постоењето на македонско национално малцинство во Бугарија; и, б) непочитувањето, односно неспроведувањето од страна на официјална Софија на неколку пресуди на Европскиот суд за човекови права, поврзани со правата на македонското малцинство во оваа соседна земја.

За мене, како автор на книгата во подготовка, за одделни аспекти на македонско –турските односи и соработка (1991–2025), особено внимание ми привлекоа претскажувањата на Н.Селмани за наводните задкулисни планови на Република Турција за еден вид „окупација“ на Република Македонија. Според него, „… во Македонија сериозно игра Турција и додека се бават со Бугарите ќе им отиде јабана работата. Турција сериозно игра во Македонија, а можеби и сакаат Турција да дојде овде“. На прашањето на Г.Станков: „а дали тоа е долгорочен интерес на Турција, некој рече дека 10 илјади турски граѓани има во Македонија“, одговорот на Селмани беше следен: „Мислите дека тоа е случајно? Знаете ли вие дека Турската влада субвенционира турски граѓани да дојдат тука и да отварат бизниси. Значи, зимаат пари од Турската влада, од буџетот на Турската држава, за да дојдат да инвестираат во Северна Македонија. И затоа ви велам, нека мислат, нека се плашат од Бугарите, ама еден ден кога ќе се разбудат не знам што ќе се случи“.

Обидот Турција да се претстави како закана за стабилноста на земјите од нашиот регион и конкретно за стабилноста и опстанокот на Македонија не е нов. Таквата реторика периодично се појавува во скоро сите земји на Балканот, пласирајќи наратив за наводна геополитичка опасност од земја која, преку економски, културни и образовни иницијативи, настојува да го зголеми своето присуство – нешто што, впрочем, го прават сите држави во рамките на современите меѓународни односи.
Претскажувањата на Селмани и на неговите истомисленици, иако медиумски звучни, ретко се темелат врз проверливи факти. Наместо аргументи, често се нудат политички конструкции што ја заменуваат анализата со реторика. Основниот проблем на тезата за „турска опасност“ е нејзината концептуална празнина. Во третата деценија на 21 век, да се тврди дека Република Турција – членка на НАТО – би посегнала по суверенитетот на Република Македонија, исто така членка на НАТО и нејзин стратешки партнер, звучи мошне чудно и неубедливо. Дополнително, Турција е една од државите што недвосмислено го признава и почитува севкупниот македонски идентитет и која во последните 35 години значајно придонела во процесот на меѓународното етаблирање на нашата земја. Во едни такви околности, тезите за „задкулисни планови“ на Турција повеќе личат на политичка инсинуација отколку на сериозна анализа.

Во таа смисла, не е наодмет да се потсети дека Турција беше единствената земја – членка на НАТО која во секој документ на Алијансата инсистираше, преку фуснота, да се наведе дека ја признала Република Македонија под нејзиното уставно име. Тоа, за жал, не го правеа ниту САД, ниту други сојузници кои формално го имаа истото признавање.
Во изјавите на дел од регионалните автори, вклучително и во најновите настапи на Н.Селмани, се забележува тенденција на неосновано проблематизирање и драматизирање на односите со Република Турција. Наместо аргументи, се користат генерализации, реторички конструкции и сомнителни прогнози. Таквиот пристап ја осиромашува јавната дебата и создава лажна дихотомија меѓу „геополитички закани“ и „национална безбедност“. Особено проблематично е што економските и културните активности на Турција автоматски се третираат како ризик, иако во современата дипломатија тие претставуваат класични инструменти на „мека моќ“, практикувани од сите држави. Нивната механичка трансформација во „закана“ претставува типичен пример на „политичка мобилизација“ преку создавање чувство на страв.

Една од најслабите точки на овој наратив е отсуството на емпириски индикатори: нема докази за евентуална воена конфронтација, институционални сигнали за конфликт, ниту стратешки документи што укажуваат на непријателски намери на Турција, кон која и да е земја, вклучително и кон Македонија. Алармантните толкувања најчесто се потпираат на историски асоцијации и цивилизациски стереотипи. Затоа, проектирањето на минати империјални матрици врз современите односи претставува сериозна аналитичка грешка. Интелектуалната одговорност подразбира јасна разлика меѓу критика и демонизација. Легитимно е да се анализира секое странско влијание, но претворањето на анализата во еден вид аларм ја компромитира и научната и јавната дебата.

Во настапот на Н.Селмани беше впечатливо и тоа што речиси целосно се игнорираше мултиетничката реалност на Република Македонија. Тој, цело време говореше само за Македонци и Албанци, без речиси никакво спомнување на другите заедници, вклучително и турската. Од изагањето на Селмани, исто така, „научив“ дека во актуелната извршна власт на високи позиции биле вклучени и Турците, односно претставниците на коалицијата Влен, кои за големо чудо, наместо на турски зборувале на албански јазик. Доколку ова е вистина, ја користам приликата на премиерот – господинот Христијан Мицковски јавно да му се извинам, бидејќи кога ја состави актуелната влада, во една моја објава изразив негодување, зошто во ниту еден владин ресор на министерска или заменик–министерска позиција не се застапени и Турците, во услови кога, меѓу другото, во коалицијата предводена од ВМРО учествува и партијата на Турците, предводена од годподинот Ердоган Сарач, и во услови кога други дури помали етнички заедници се застапени на разни позиции, вклучително и на министерско ниво.

Сосема на крај, може да се заклучи дека Насер Селмани и неговите истомисленици конечно треба да ја согледаат реалноста и да сватат дека Република Турција, со сите нејзини потенцијали, е важен фактор за мирот и стабилноста на Балканот и Европа, а не држава со скриени непријателски намери кон Македонија и другите земји на овој регион.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Можете да прочитате

Стар, мал и ограничен, колегите ни се смеат – Сиљановска-Давкова за владиниот авион

Полицаец од „шестата управа“ на МВР возел без возачка дозвола

Полицаец од „шестата управа“ на МВР возел без возачка дозвола