Утрински Весник
Македонија

Мечка шета низ Битола, Коњановски уверува: Надлежните се веќе на терен

Img 5159.png

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, вечерва преку објава на Фејсбук информираше дека ги известил сите надлежни институции по пријавите дека мечка е забележана во околината на градскиот парк во Битола.

Реакцијата следува откако на социјалните мрежи беше споделено видео на кое се гледа како мечка се движи во близина на градот, што предизвика загриженост кај жителите, но и политички реакции од опозициските партии во општината.

„Како градоначалник на Битола и во име на Општина Битола ве информирам дека во врска со случајот на појава на мечка што можеше да се види на видео споделено на социјалните мрежи, контактирав и ги информирав Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, како и Државниот инспекторат за шумарство и ловство при Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство и Агенцијата за храна и ветеринарство“, напиша Коњановски.

Тој посочи дека во изминатите денови имало повеќе пријави за забележана мечка во атарите на селата Трн, Оптичари, Поешево и Егри. Последната пријава до бројот 112 во Центарот за управување со кризи, според него, била од раните утрински часови денеска, кога мечка била забележана во близина на градскиот парк во Битола.

„Од страна на институциите бев известен дека се во тек со актуелната состојба“, наведува Коњановски.

Во објавата градоначалникот потсетува дека и во претходните години имало случаи на појава на мечки во овој регион, при што била предизвикана и материјална штета. Тој нагласува дека мечката е строго заштитен вид согласно македонските закони.

Телевизија Телма денеска објави дека жители на Битола снимиле мечка како се движи на улицата „Македонска фаланга“, во близина на градското шеталиште под „Тумбе кафе“, кај стадионот во Битола.

Од СВР Битола потврдиле дека случајот бил пријавен во полиција.

Според Законот за дивечот и ловството, мечката е заштитен вид и нејзиното ловење е строго забрането, додека Кривичниот законик предвидува затворска казна од една до пет години за лов на заштитен дивеч.

Можете да прочитате

Андоновски откри дека Македонија била мета на сериозен сајбер-напад врз владините системи

„Беше неочекувано, нè евакуираа на безбедно“: Андоновски откри детали за драмата на аеродромот во Вилнус

Македонија отвора амбасада во Вилнус – нов чекор во стратешкото партнерство со Литванија