
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во интервју за германскиот весник „Билд“ оцени дека рускиот претседател Владимир Путин е главниот виновник за продолжувањето на војната во Украина. Според Руте, напредокот на Путин годинава е минимален, со занемарливи територијални придобивки и големи загуби на руска страна, при што, според процените, околу 1,1 милион лица се убиени или ранети.
Руте истакна дека неколку европски земји се подготвени, доколку е потребно, да испратат војници во Украина, додека деталите за распоредувањето на копно, море и воздух сè уште се разработуваат.
Тој нагласи и дека „има многу почит“ за американскиот претседател Доналд Трамп, бидејќи „тој е единствениот кој успеа да го доведе Путин на преговарачка маса и единствениот кој може да го натера да склучи мир“. Руте додаде дека не очекува САД да ја повлечат поддршката за Украина и дека ќе продолжи размената на информации и испораката на оружје за Киев.



