
Два танкера се погодени од проектили во Персискиот Залив во близина на брегот на Саудиска Арабија, соопшти Организацијата за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (UKMTO).
Првиот танкер бил погоден вчера од проектил од непознат тип, на 68 наутички милји североисточно од саудискиот град Џубаил. Сите членови на екипажот се безбедни и се евакуирани, прецизираше британската агенција, додавајќи дека нема извештаи за штета врз животната средина.
Кратко потоа, UKMTO извести за уште еден сличен напад што се случил вчера, на 78 наутички милји североисточно од Џубаил.
Капетанот на танкерот пријавил дека танкерот бил погоден од граната испукана од ракетен фрлач, лансирана од чамец. Од ударот била оштетена крмата на бродот.
Членовите на екипажот се безбедни, соопшти UKMTO, додавајќи дека во оваа фаза сè уште не е познат обемот на штетата, ниту дали има влијание врз животната средина.
Претходно денеска, Иран објави дека голем нафтен танкер налетал на мина во Ормуската Теснина, што предизвикало експлозија. Овој инцидент не се поврзува со двата погодени танкера, бидејќи се случил на стотици километри од Џубаил.

Организацијата за поморски трговски операции на Обединетото Кралство сè уште нема дадено коментар за третиот инцидент, пренесува агенцијата ДПА.

