Утрински Весник
Магазин

Златко Муцунски се збогува со „Порше Македонија“ – Време е да свртам нова страница

Img 5972.jpeg

Д-р Златко Муцунски заминува од функцијата генерален директор на „Порше Македонија“, по 21 година поминати на чело на компанијата и вкупно 34 години професионален ангажман поврзан со автомобилската групација „Фолксваген“ во Македонија.

Веста за своето повлекување Муцунски ја соопшти преку емотивна објава на професионалната мрежа LinkedIn, во која се осврна на долгогодишната кариера, постигнатите резултати и спомените што ќе ги понесе од компанијата.


„21 година. Повеќе од 50.000 автомобили. 34 години со групацијата ‘Фолксваген’. Цел живот исполнет со спомени“, напиша Муцунски.

Тој откри дека неговото збогување со колегите на Самитот за меѓународен менаџмент на големо на „Порше Холдинг“, одржан во Задар, Хрватска, било особено емотивно.

Во текот на повеќе од две децении на директорската позиција, Муцунски беше дел од развојот и позиционирањето на автомобилските брендови на групацијата на македонскиот пазар. Како едно од најзначајните достигнувања го издвојува испорачувањето на повеќе од 50.000 автомобили во земјава.

Според неговите зборови, изминатите години биле многу повеќе од работа и професионални обврски. Тие претставувале важен дел од неговиот живот, исполнет со предизвици, успеси, пријателства и искуства што ќе останат во трајно сеќавање.

Муцунски посочи дека заминува со голема благодарност кон сите со кои соработувал, но и со чувство на исполнетост од постигнатото.

„Чувствувам дека е дојдено време да свртам нова страница и да уживам во животот, да прифаќам нови искуства и, конечно, да посветам повеќе време на себеси и на луѓето и работите што ми се најважни“, порача тој.

Неговото заминување означува значајна кадровска промена во „Порше Македонија“, компанија со која беше професионално поврзан повеќе од две децении како генерален директор.

Засега не е соопштено кој ќе го наследи Муцунски на директорската позиција, ниту кога официјално ќе се случи примопредавањето на функцијата.

Можете да прочитате

Викенд хороскоп: На Биковите им треба мир, Вагите ги очекува важен разговор

Филмскиот и телевизиски проект за Тоше Проески ќе се снима во 2027 година, премиерата најавена за 2028

Австралијка обвинета за обид за труење колешка, со која наводно била во врска