
На 27 ноември, во четврток почнува новото издание на ПИН – меѓународната музичка конференција и концертен саем што ќе се одржува три дена, до сабота 29 ноември во скопскиот Младинскиот Културен Центар. Станува збор за единствениот ваков настан во Македонија, воедно прв и најголем на Балканот, а кој во Скопје ги собира музичките професионалци од целиот свет, претставувајќи ја пред македонската публика музичката авангарда и новата сцена од цела Европа.
Со слободен влез за сите посетители, на ПИН 2025 ќе се одржат концерти на вкупно 55 музички артисти кои ќе настапат на 6 сцени во МКЦ, како и конференциска програма со над 30 панел-дискуии, презентации, предавања и работилници со повеќе од 400 учесници, музички професионалци, уметници, претставници на фестивали, клубови, медиуми, културни институции, кои пристигнуваат од над 30 земји ширум светот.
Оваа година на ПИН, фокус-земја е Франција, која ќе биде застапена со 9 француски артисти, како и 20 француски делегати.
Тридневната бесплатна програма со концерти, панел-дискусии и работилници, вклучува и исклучително важни теми од јавен интерес: Скопје – Европски град на културата?, Безбедност на настани, Ментално здравје во музичката и креативната индустрија, Дијаспора/извоз на култура, Направи Сам турнеи, Независни фестивалски модели, Еколошки стандарди и многу повеќе теми во програмските активности на ПИН објавени со сите детали на официјалната веб-страница.
Панелот насловен „From Bid Book to Real Life“, посветен на Скопје 2028, анализира: Ќе ја претвори ли Скопје титулата „Европски град на културата” во трајни резултати, ќе поставиме ли јасни и транспарентни извршни субјекти, стандарди и календар на активности? Во оваа дикусија гостите се од Нови Сад, Веспрем (алумни градови) и Никшиќ 2030 (идна престолнина).
Тешка, но неопходна дискусија опфаќа панелот кој се наметна по трагедијата во Кочани со сведоштва и експерти: што се случи во Македонија, што научи Романија (Colectiv) 10 години подоцна, и кои се минималните стандарди за клубови и фестивали за безбедно функционирање. На овој панел пристигнува еден од најголемите професионалци за безбедност на настани во Ирска, директор на најголемата компанија за обезбедување, како и гости од Романија, Франција, Грција и Турција.
Работилницата „Get in the van” ќе покаже што сѐ опфаќа една турнеја; како независните музичари да преживеат без државни пари, што се и како се корисни: crowdfunding, member clubs, bar splits, микро-партнерства?
ПИН го разгледува и односот фестивали наспроти соло концерти — кои се новите трендови? Ќе се зборува и за односот Исток/Запад: Кој ги поставува европските „стандард(и)” за култура; дали Истокот е рамноправен во финансирање, видливост и иновации.
Во склоп на работилниците на ПИН, публиката ќе има прилика да учествува и на:
- Listening Session – ја преслушуваме музиката на финалистите на нашиот Лузер Фест за професионален фидбек од експерти + награди (351 Studio lyric videos).
- Sync Workshop – практичен вовед во музика за филм/ТВ/адвертајзинг/гејминг со меѓународни гости.
- Професионални средби: брзи состаноци (matchmaking), презентации на фестивали и агенции.
Организацискиот тим за овој настан вели: „ПИН е место каде конкретни процеси и стандарди можат да се донесат и применат, дома и во собрание – од безбедност и инклузија, до стандарди и стратегија за извоз на културата. И оваа година ПИН ни носи многу музика и знаење.” ПИН музичката конференција е во организација на „Пасворд Продакшн” и се реализира како дел од дополнителната програма на фестивалот „Таксират”.
Целосниот распоред на музичката програма, како и на дневната конференциска програма на ПИН се објавени на pinconference.mk , како и на официјалната апликација која е достапна на: https://tmsqr.link/pin-music .


