Утрински Весник
Свет

Обединетите нации одбележуваат осум децении постоење

Un.webp.webp
Dik 300x250 mk

Организацијата на Обединетите нации одбележува осум децении постоење, на денот кога стапи во сила Основачката повелба на ОН. Во 1947 година беше усвоена одлука 24 октомври, датумот на стапување во сила на Основачката повелба на ОН, да се одбележува како Ден на ОН, инаку потпишана на 26 јуни 1945 година на Конференцијата во Сан Франциско.

По повод јубилејот, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, забележа дека организацијата чијашто смисла на постоење е светскиот мир, односно меѓународната соработка со цел постигнување општа благосостојба, се наоѓа пред нови предизвици.


– Осум децении подоцна, може да се повлече директна линија меѓу создавањето на Обединетите нации и спречувањето на третата светска војна, рече Гутереш.

И денес, под покровителство на ОН обезбедено е присуство на илјадници припадници на мировните сили на 11 кризни жаришта ширум светот, со речиси 30 договори за разоружување, како и отстранување на над 55 милиони нагазни мини.

Од основањето до денес, ОН беа и се единствена институција со мисија за постигнување договор, унапредување на мирот, спроведување одржлив развој и заштита на човековите права, со примарна цел да помогнат во ставање крај на ужасите на војната и да обезбедат одржлив мир.

ОН, исто така, ги документираат кршењата на човековите права ширум светот, промовирајќи го почитувањето на меѓународните норми и стандарди, со поддршка на владите во нивните реформски напори во над 90 земји.

На стапувањето во сила на основачкиот акт на Повелбата на ОН, пред 80 години, му претходеше ратификацијата на постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, Британија, Франција, САД, Советскиот Сојуз и Кина, која тогаш беше предводена од националистичката влада на Чанг Кај Шек.

Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации во 1947 година усвои одлука датумот на стапување во сила на Повелбата на ОН да се одбележува како Ден на ОН, додека за меѓународен празник, 24 октомври, Денот на Организацијата на Обединетите нации, беше прогласен во 1971 година.

Повелбата, како и целиот концепт на Организацијата на Обединетите нации, произлегоа од искуството на Втората светска војна.

Сојузниците, поучени од ужасните искуства што ги донесе таа војна, имаа намера да формираат тело што ќе ги регулира последователните односи меѓу државите, со надеж дека на тој начин, колку што е можно, ќе се спречат можните опасности во иднина.

Не стануваше збор само за политичките принципи и односи, туку и за мерките за меѓународна економска соработка кои исто така требаше да оневозможат, во иднина, големи економски превирања, а со тоа и потенцијално политички опасни ситуации.

Така беа формирани Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и други слични тела.

Идејата беше да се создаде суштински поефикасно тело од меѓувоеното Друштво на народите кое, формално, ќе биде распуштено на 18 април 1946 година.

Претходно, Повелбата на ОН беше разгледана и обликувана за време на Конференцијата во Сан Франциско, која почна на 25 април 1945 година. Повелбата потоа, по двомесечна работа, беше потпишана од претставници на 50 земји, на 26 јуни истата година, во Сан Франциско.

Таа содржеше толкување на целите на ОН, разработка на структурата и телата на организацијата која тогаш се основаше. Прецизирани беа главните органи, како Советот за безбедност, Генералното собрание, Меѓународниот суд на правдата, Економскиот и социјалниот совет, Старателскиот совет.

Со Повелбата, членките се обврзани да негуваат мир, меѓународно право, безбедност, но и да усогласуваат економски и социјални мерки, да ги почитуваат човековите права.

Документот почнува со преамбула и содржи вкупно 111 члена распоредени во 19 поглавја.

Преамбулата содржи општа изјава за целите на организацијата и ја прокламира обврската членките да се придржуваат до договореното. Обликувана е главно по моделот на уставните начела на САД.

Понатаму, во 19 поглавја се разработени сите детали за функционирањето на ОН.

Рамката на подоцнежните Обединети нации беше создадена на повеќе собири на претставници на сојузничките земји за време на Втората светска војна, почнувајќи од Конференцијата одржана во Лондон на 12 јуни 1941 година, кога беше објавена заедничка Изјава на тема цели и принципи на заедничката борба.

Составен дел беше и визијата за светот по завршувањето на војната. Уште тогаш беше нагласена потребата во подоцнежниот свет да се изгради економска и социјална стабилност за сите. Во таа смисла беше прокламирана потребата од меѓусебна соработка на „слободните народи“ како во воените напори, така и во градењето на повоениот свет.

Два месеца подоцна следуваше заедничка изјава на Соединетите држави и Обединетото Кралство, која донесе разработка на споменатите начела. Тој документ влезе во историјата под името Атлантска повелба.

Осумте точки на тој документ ги содржеа, повеќе или помалку, сите клучни одредби кои ќе бидат внесени во основачките акти на Организацијата на Обединетите нации.

Првиот ден од наредната 1942 година, претставници на 30 сојузнички земји ја потпишаа Декларацијата на Обединетите нации, со која беа повторени наведените принципи со акцент на заедничката борба против земјите на Оската. Со тој документ се појави изразот Обединети нации.

Декларацијата ја потпишаа и претставници на Владата на Кралството Југославија.

За време на Конференцијата во Дамбартон Оукс, во Џорџтаун во близина на Вашингтон, летото/есента 1944 година (21 август 1944 – 7 октомври 1944) принципите на подоцнежната меѓународна организација беа дополнително разработени и прецизирани. Тогаш главно беше усогласена структурата на системот на ОН.

Понатамошното усогласување следеше за време на сојузничката Конференција на Јалта во февруари 1945 година. Во таа прилика беше прецизирано како ќе функционира Советот за безбедност.

Првата седница на Генералното собрание на ОН се одржа во Лондон, на 10 јануари 1946 година, додека првото собирање на Советот за безбедност се случи една недела потоа.

Можете да прочитате

Силен земјотрес ја стресе Јапонија

Во ФБИ истрага уапсени и НБА играчи и тренери

Трамп го помилува основачот на најголемата светска криптоберза „Бинанс“