Утрински Весник
Македонија

Прв ЕУ-МК Саем за одржлив локален развој и вмрежување

20250617172452 big 730x400 20.webp.webp

Во организација на Програмата „ЕУ за општините“, дeнеска во Скопје ќе биде одржан првиот ЕУ-МК Саем за одржлив локален развој и вмрежување. Целта на овој еднодневен настан е да се промовираат добри практики и успешни проекти финансирани од ЕУ, да се поттикнат нови партнерства меѓу општините, како и да се отвори простор за размена на искуства и идеи за понатамошен локален развој.

Настанот официјално ќе го отворат министерот за локална самоуправа, Златко Перински и програмскиот менаџер на Програмата „ЕУ за општините“, ЕУ Делегација во Северна Македонија, Енцо Дамиани. Целиот настан е целосно јавен и отворен за медиумско присуство.


Како што најавија организаторите на настанот ќе бидат претставени резултатите од повеќегодишната соработка меѓу општините од Северна Македонија и нивните партнери од земјите-членки на Европската унија, како и вложувањата кои ги прави Европската Унија преку Програмата „ЕУ за општините“.

Посебен фокус ќе биде ставен и на теми како што се урбаната мобилност и менаџмент на туристички дестинации, како два клучни аспекта на одржливиот развој на локално ниво. Предвидено е претставување на конкретни решенија од општините Велес, Струмица, Кавадарци и други, како и искуства од германските региони Гронау и Енепе-Рур, и грчката општина Едеса. Саемот се очекува да овозможи вмрежување, билатерални средби и интерактивна дискусија меѓу општините и меѓународните партнери.

Настанот ќе биде организиран во форма на саем, со учество на делегации од Северна Македонија, Германија и Грција, министри во Владата, ЕУ Делегацијата во земјава, како и други релевантни чинители.

Овој саем е дел од завршните активности на програмата „ЕУ за општините“ која во изминатите пет години придонесе за конкретни подобрувања на локално ниво во речиси сите 81-на општина низ земјава.

Можете да прочитате

Силјановска-Давкова од Анкара: Македонскиот јазик мора да се негува и пренесува на идните генерации

Извештајот за спорните операции на срце стигнал до Владата, но останува под превезот на тајност вели Клековски

До 20 часот изгаснати 12 пожари, продолжува борбата со огнот кај Кичево и Битола