
Педесет и двегодишен маж од гостиварско село е уапсен поради сомнение дека ја нападнал својата 42-годишна сопруга и ѝ нанел тешки телесни повреди. Жената е хоспитализирана на КАРИЛ во Скопје во животозагрозувачка состојба, додека осомничениот е спроведен во Психијатриската болница во Бардовци, објави „Слободен печат“, повикувајќи се на МВР и на лекарите.
Според полицијата, нападот се случил вчера околу 12:30 часот во семејниот дом. Случајот го пријавил таткото на осомничениот, а полициски службеници од одделението Галате го уапсиле М.М. во 14:10 часот. При нападот врз сопругата, според пријавата, употребил и остар предмет.
Жената првично добила медицинска помош во гостиварската болница, по што во бессознание била пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Директорот на ТОАРИЛУЦ, доктор Игор Мерџановски, потврдил дека пациентката има четири скршени ребра, парцијален пневмоторакс и субдурален крвен подлив. Задржана е на интензивно лекување на КАРИЛ.
Од МВР наведуваат дека осомничениот при апсењето давал отпор и нападнал полициски службеници, при што повредил еден од нив. Полицијата соопштила дека имал нарушено ментално здравје и дека бил спроведен во психијатриска болница.
За случајот е известен јавен обвинител. По неговото документирање, МВР најавува соодветна кривична пријава.


