Утрински Весник
Економија

Прва средба меѓу гувернерот Славески и претставникот на ЕИБ во нашата земја

Sredba nb eib.jpg

Во просториите на Народната банка се одржа првата официјална средба меѓу гувернерот, д-р Трајко Славески и претставникот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во земјава, Бјорн Габриел. Средбата беше по повод новиот мандат на гувернерот Славески и како можност за освежување на дијалогот и разгледување на досегашната и понатамошната соработка помеѓу двете институции.

Во пријателска и конструктивна атмосфера, соговорниците разговараа за активностите на ЕИБ во земјава, како и за досегашната поддршка што Европската инвестициска банка ја обезбедува преку инструментите за финансирање и техничката помош наменета за развој на економската инфраструктура и приватниот сектор. Посебно внимание беше посветено на ангажманот на ЕИБ за поддршка на малите и средните претпријатија, преку кофинансирање и кредитни линии во соработка со Развојната банка на Северна Македонија и деловните банки. Од 2009 година наваму, ЕИБ со 650 милиони евра поддржа над 2.500 компании и помогна во задржувањето на 140.000 работни места во земјата.


Гувернерот Славески изрази благодарност за долгогодишната соработка со ЕИБ и ја нагласи важноста на посветеноста на ЕИБ на реалната економија, како и поддршката на приоритетните проекти коишто носат долгорочен развој. Притоа, тој истакна дека Народната банка и во иднина ќе ги поддржува иницијативите насочени кон стабилноста на финансискиот систем и неговата подготвеност за справување со ризиците.

ЕИБ ја потврди подготвеноста за натамошна соработка со македонските институции, особено преку обезбедување стручна поддршка и советодавни услуги за подобрување на пристапот до финансии во рамките на Програмата за зелени финансиски системи и Водичот за декарбонизација, поттикнување инвестиции и унапредување на институционалните капацитети којшто ќе биде објавен наскоро.

Средбата беше оценета како значаен чекор кон продлабочување на партнерството помеѓу Народната банка и Европската инвестициска банка заради заедничка поддршка на развојните процеси во економијата на земјава.

Можете да прочитате

Прашањето за минималната плата отворено на ЕСС, нема изгледи за зголемување

Нова методологија за пресметка на потрошувачката кошничка најави Дурмиши

Мицкоски на економско социјалниот совет: Дијалог и одговорност – економски раст и реални политики во служба на граѓаните