Утрински Весник
Македонија

Власта опстојува на уставни измени со одложено дејство, евроинтеграцијата една од темите на средбите во САД

Eu Mk.webp.webp

Владата опстојува на ставот дека уставните измени со одложено дејство се единствениот прифатлив компромис кој ќе овозможи предвидливост на нашиот европски пат. Смета дека со изборот на политичка влада во Софија ќе добијат легитимен соговорник и оти со добра волја од двете страни може да се дојде до прифатливо решение.

Во пресрет на најавеното присуство на премиерот Христијан Мицкоски на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп и од новата админстрација во САД очекуваат поддршка на евроинтеграцијата, но и засилен фокус на државата и на регионот.


Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вчера во просториите на Министерството го одржа традиционалниот работен појадок со амбасадорите на земјите-членки на Европската унија во земјава и со шефот на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Михалис Рокас, на кој го реафирмираше ставот дека членството во ЕУ претставува клучна стратешка цел на Владата, на што посветено и напорно работат сите институции во државата, особено обврските од реформскаста агенда и реализација на целите на Планот за раст.

 – Сите сме целосно свесни за сложените геополитички предизвици со кои се соочува Европа, но и светот. Во време на извесности европската интеграција на Западниот Балкан претставува геотстратешка неопходност, која ќе придонесе за зајакнување на мирот, стабилноста и безбедноста на континентот. Ние ќе продолжиме со својата улога како конструктивен партнер, и пример во регионот, посветени на градење на добрососедски односи и регионална соработка. Ве уверувам дека нашиот фокус како Влада ќе биде уште посилно завртен кон спроведување на реформите во клучните области како владеењето на правото и правосудството, посветена и неселективна борба против коруцијата особено онаа од висок профил, унапредување на ефикасноста на институциите, реформата на јавната администрација и секако зајаканување на економските капацитети на државата, рече Муцунски.

Подвлече дека процесот на пристапување кон ЕУ треба да остане кредибилен, заснован на заслуги и да обезбеди предвидливост. Напредокот што е постигнат, според Муцунски, мора да биде препознатлив, а поддршката од земјите членки е клучна во одржување на довербата во европската перспектива.

 – Оваа 2025 година одбележуваме, за жал, еден многу неславен јубилеј, 20 години од стекнување на кандидатскиот статус. Точно две децении во кои донесовме серија на крупни одлуки во која направивме болни компромиси во името на остварување на генерацискиот стремеж за членство во ЕУ. Крајно време е да продолжиме по европскиот пат. Подготвени сме за дијалог во добра волја, и изнаоѓање на рационални решенија. Време е и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко. Притоа патот напред не води преку константа билатерализација на пристапниот процес и условување со прашања кои имаат малку заедничко со сржта на Европската идеја и нејзините вредности. Напротив потребна е геополитичка одговорност и одлуки кои ќе зближуваат наместо да не делат, кои ќе градат мостови цврсто втемелени врз сето она што го споделуваме и сето она што не поврзува, истакна Муцунски, подвлекувајќи дека очекува и конечен почеток на пристапните преговори и отворање на поглавјата оваа година.

Евроамбасадорот со оптимизам гледа на претстојната година поради досега вложените напори, година која, вели, почнала и со сечење на ленти за два многу важни проекти од Коридорот 8 и Коридорот 10.

 – Кога вложуваме напори во испорачување резултати докажуваме дека се е возможно. Се надевам дека оваа година нема да се однесува само на сечење ленти, туку и на напредок во процесот на пристапување. Имаме одлична платформа со која можеме да работиме, реформската агенда е одличен документ, но исто така содржи и важни квадратчиња кои треба да се штиклираат во годината 2025-та. Ги има многу и заедно мојот тим од Делегацијата на ЕУ ќе ви помага Вам, на премиерот и на Министерство за европски прашања во унапредување на оваа важна агенда, рече Рокас.

Тој потсети на новото водство во ЕУ, кое, вели, процесот на проширување го реенергизираше и го стави во фокусот на агендата на Унијата, а ги најави и посетите на новиот еврокомесар за проширување и високиот претставник за надворешна и безбедносна политика во првиот семестар од оваа година во однос на дијалогот со земјава.

– Има многу разбирање и многу заедничка волја да се придвижи процесот во Брисел. Владеењето на правото е област од клучна важност. Правосудството, владеењето на правото и борбата против корупцијата се една област која ќе и овомзожи на Северна Македонија да направи голем исчекор напред, затоа што ќе се врати довербата. Тоа е нешто кое е навистина неопходно, ќе работиме рамо до рамо со Вас и со министерот за правда, рече Рокас, уверувајќи дека годинава ќе биде одбележана со многу достигнувања на европскиот пат на земјава.

Рокас во излагањето директно не ги спомна уставните измени, но еврокомесарката за проширување Марта Кос завчера на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), порача дека Северна Македонија треба да покаже волја за промена на Уставот за да постигне напредок во процесот на пристапување кон ЕУ.

– Се надеваме дека Македонија ќе ја исполни обврската за промена на Уставот и тогаш, сигурна сум, дека штом ќе почнеме да се движиме со Северна Македонија, исто така, и со поддршка на Бугарија ќе можеме продолжиме на тој пат, изјави Кос во одговор на прашање на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на дебатата.

Таа ја нагласи сложеноста на процесот на проширување, потенцирајќи дека се потребни 150 одлуки со консензус на членките на ЕУ за започнување и завршување на преговарачкиот процес на само една земја кандидат, но дека треба да се направи се за да се избегне билатералните прашања да влијаат на преговорите.

Министерот Муцунски, пак, во вторникот во гостување на емисијата „Топ Тема“, во однос на актуелното расположение во Брисел во контекст на проширувањето и потребата од предвидливост на процесот, кажа дека го радува што реториката од чинителите во Брисел вклучува дијалог и изнаоѓање рационални решенија, а не само уставни измени. Според него, суштината е во обезбедување предвидливост на патот кон членството во ЕУ, што може да се постигне преку уставни измени со одложена примена.

– Ако чинителите во Брисел имаат други идеи за предвидливост, отворени сме за дијалог, но преку консултации со експертската заедница, невладиниот сектор и јавноста, вели министерот Муцунски.

Подвлекува дека Владата нема да се однесува аматерски и парадерски, како што тоа било случај во минатото, туку ќе покаже професионален и стратегиски пристап.

– Треба да се бориме, но и да бидеме свесни за нашите силни страни – стратешката позиција на нашата држава и фактот дека Европската Унија не може да си дозволи уште една грешка во однос на нашата интеграција, вели Муцунски.

Во однос на решавањето на проблемот со Бугарија, Муцунски нагласи дека доколку се гледа низ призмата на лошата пракса од минатото, најдобро е тоа да се постигне со политичка влада која ќе има целосен легитимитет.

Во меѓувреме, вчера, Росен Жељазков, кандидат за бугарски премиер на најголемата пратеничка група, прифати да формира влада, по предвремените избори во октомври. Жељазков за мандатар е предложен од ГЕРБ-СДС. Тој пред претседателот на Бугарија, Румен Радев, го претстави предлог составот на својот кабинет, кој уште истиот ден ќе го достави до Парламентот за изјаснување на Указот за избор на Жељазков за премиер.

Муцунски во Топ Тема воедно потврди дека ќе биде дел од делегацијата која ќе ја предводи премиерот Христијан Мицкоски на инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон.

– Дефинитивно доаѓање на нова администрација на САД е значаен чин за нас. Мицкоски ќе ја предводи и нашата делегација таму, заедно со него ќе бидеме дел од многу формални и неформални активности како и самата инаугурација. Да ги афирмираме  нашите позиции со администрацијата во доаѓање, да продолжиме да ги негуваме тие добри и лични односи премиерот, јас и други чинители во Владата. Исто така и да го потврдиме и континуитетот којшто го очекуваме од американската надворешна политика, во однос на прашања поврзани со регионот, посветеноста кон европските интеграции, кон НАТО Алијансата, и сето она што за нас е значајно од гледна точка на европска и регионална безбедност и прашања кои како земја нас најмногу не засегаат, рече Муцунски.

Шефот на дипломатијата појасни и зошто очекува засилен фокус од Стејт департментот кон регионов.

– Во делот на политичко – безбедносниот аспект кој ни е значаен, потребен ни е фокус и дополнителен стимул од САД за разбирање на предизвиците со кои се соочува регионот. Не потценувајќи дека и досега немало фокус, сметам дека сега релациите кои ги имаме како Влада заради поединците коишто се поставени на одредени високи позиции или кои очекуваме да бидат поставени на тие позиции во американскиот Стејт Департмент да се засили тој фокус кон нашиот регион. Ние тука имаме сериозна предност и да знаеме да ја искористиме. Ние како држава имаме историска позиција во администрацијата во доаѓање, но умешноста е да го привлечете вниманието за да се добие тој заслужен фокус што ние како држава и регион го заслужуваме. Имаме прашања кои се од сериозен економски, политички и безбедносен карактер, подвлече Муцунски.

Најавено е дека за време на престојот во Вашингтон, македонскиот премиер ќе се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и министер за трговија, Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација и со извршниот директор на Рамбл, Крис Павловски.

Од Владата посочуваат дека можни се и повеќе други средби.

Во новогодишното интервју за МИА, премиерот Мицкоски најави дека на 18 јануари заминува во посета на Соединетите Американски Држави, два дена пред инаугурација на новоизбраниот американски претседател Трамп.

 – Покрај Брисел, Вашингтон е исклучително значајно место за нас како држава и за нас како Влада. Очекувам да го привлечам вниманието за САД да гледаат кон Балканот со поинaква оптика. Мора прво регионално да го привлечеме вниманието – Вашингтон да гледа кон нас како регион, а не како единка во тој регион. Да – важна единка, природна крстосница, срцето на Балканот, но, сепак, ако го гледаме Балканот како целина тогаш низ оптиката на Вашингтон поубаво можеме да ги гледаме работите и сакам сето тоа да го презентирам таму, кои се предностите кои ние како мала, убава земја во срцето на Балканот ги нудиме, но и кои се предизвиците за регионот, рече Мицкоски во интервјуто.

Можете да прочитате

Цветков до Филков: Кој лаже за партиските смени во Судскиот совет, Мицкоски или вие?

Детска клиника: Деветгодишното дете донесено во многу тешка состојба, починало по неполни два часа

Утре ќе биде пуштена во употреба железничката пруга Куманово – Бељаковце