Утрински Весник
Скопје

Тројца малолетници со петарди и жижици го предизвикале пожарот кај Расадник

Pozar Rasadnik 3 1 960x541 1.jpg

Тројца малолетници со петарди и жижици го предизвикале пожарот кај Расадник во Кисела Вода. Само еден од нив има 14 години, а другите двајца биле помали. Затоа и само 14-годишникот заработи кривична пријава за предвидување општа опасност.

Малолетниците имале среќа што избегале, па не се повредени во пожарот.

На 3 септември во попладневните часови, детето на возраст од 14 години, заедно со уште две деца во ризик кои не наполниле 14 години и од тие причини не се кривично одговорни, палеле петарди и жижици на земјена патека во месноста Расадник, Кисела Вода. Како последица на тоа, бил инициран пожар кој брзо се проширил на околната сува трева поради ветерот и зафатил површина од околу 3 хектари – дрвја, сандаци со пчели и неколку бандери за пренос на електрична енергија. Со пожарот била предизвикана значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери, велат од ОЈО.

Јавното обвинителство поднесе барање за поведување подготвителна постапка за 14-годишниот малолетник. Иако станува збор за кривично дело, кое според Кривичниот законик може да биде казнето со затвор од шест месеци до пет години, постапката е сосема различна со оглед на тоа што станува збор за малолетно лице. Постапката ја води Судија за деца од Основниот кривичен суд и за неа важи посебен Закон – за права на децата.

Токму тој Закон опишува како може да биде казнето едно дете.

На дете од 14 до 16 годишна возраст за дејствие кое со закон е предвидено како кривично дело можат да му се изречат само воспитни мерки, се вели во Законот за права на децата.

Тоа значи дека малолетникот ќе може да добие мерка – укор, засилен надзор од родителите или да биде упатен во воспитна установа или воспитно-поправен дом.

Можете да прочитате

Во Скопје 5. издание на трката „Водно 10К”, посебен сообраќаен режим

Жители од Ново Лисиче бараат одложување на зонското паркирање

Посебен сообраќаен режим утре во Скопје