Утрински Весник
Скопје

Координација на советничките групи во Град Скопје, Арсовска треба да го презентира планот за излез од кризата

20240821214540 Big 730x400 75.webp.webp

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска се очекува денеска на средба со координаторите на советничките групи да го презентира планот за излез од кризата во главниот град. Средбата на координаторите ја закажал претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески.  

Очекувањата на првите луѓе на советничките групи се таа да презентира план за состојбата во „Комунална хигиена“ и хигиената во главниот град, но и за Јавното – сообраќајно претпријатие и како да се надмине проблемот со автобусите во Скопје. Сепак, велат од советничките групи, останува да се види со каков план ќе излезе Арсовска на денешната средба, која треба да започне во 11 часот. 

Синоќа во телевизиско интервју на прашањето дали денеска е рокот кога ќе ги постави предлозите за надминување на проблемите, Арсовска рече дека е апсурдно да се зборува за рокови, затоа што во државата за три дена ништо не може да се реши. Таа рече дека на средбата со премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот во Владата понудила краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија.

-Тоа со роковите, навистина, малку е апсурдно, затоа што вие најверојатно како и целата македонска јавност знаете дека за три дена не можете ништо да решите во државата. Најгорливите проблеми како што не се решиле, сигурно ниту ова не може да се реши за еден ден. Ние на самата средба што ја имавме во Владата, понудивме краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија. Но таа средба не беше отворена за јавноста па мораа медиумите да се занимаваат со нечии изјави каков план бил презентиран. Многу ми е жал што на Мицкоски му се чинело дека нема план, додаде таа.

Како што рече, првиот план бил за одлуките на Советот, за набавка на еко-автобуси со кои би се решил хаосот во Скопје, поради недостаоткот на автобуси и дотрајаноста на оние што ги имаме во овој момент. Арсовска рече дека се финансиски консолидирани и тоа можат да го направат и од сопствениот буџет.

-Ние не баравме никакви пари за еко автобусите. Ние баравме одлука да донесат советниците да може да ги набавиме еко автобусите. На нас пари од Владата не ни требаат, ние само долгот бараме да си го платат. Ние сме финансиски консолидирани и тоа можеме да го направиме и од сопствениот буџет и кредитно да се задолжиме. Нашиот буџет тоа може да го издржи. Меѓутоа, никогаш досега тоа не се направило, затоа што на тој начин вие лимитирате што во наредната година или во наредните години ќе треба да се исплаќаат овие автобуси што треба да се набават, ќе треба помал процент на проекти да реализирате за граѓаните, рече Арсовска. 

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на интервјуто нарекувајќи го разочарувачко и побара таа да го спаси Скопје и да си даде оставка.  

Се огласи и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека очекува градоначалничката на Скопје Данела Арсовска да организира координација со советничките групи во Советот на Град Скопје и да го презентира планот за подобрување на состојбите со хигиената и јавниот превоз во главниот град. 

На новинарско прашање што доколку планот е неприфатлив, Мицкоски рече да се види првин планот, но дека ќе се направи се за да се заштити интересот на скопјани.

Според Мицкоски, Арсовска на завчерашната средба во Владата немала план и и биле дадени неколку идеи. 

-Немаше план. Јас ја повикав бидејќи бараше средба, но план не слушнав. Дадов неколку идеи. Очекувам денес, утре, да организира координација со советничките групи и да го презентира планот конечно. Првин да го видиме планот на градоначалничката па потоа се разбира дека ќе сториме се за да го заштитиме интересот на скопјани, изјави Мицкоски, при посетата на Неготино. 

Министерот за локална самоуправа Златко Перински по средбата со Арсовска рече дека очекувале да слушнат некаков план или реални потреби за кои како Влада и можеле да помогнат, но таа не понудила ништо конструктивно. 

Реагираше и советничката група на СДСМ во Советот на Град посочувајќи дека несериозни се изјавите на градоначалничката Данела Арсовска дека е блокирана од страна на сите 45 советници. 

– Арсовска не може советниците на СДСМ и останатите советнички групи да ги става во исти кош со советниците на ДПМНЕ со кои заедно во 2021 година ја промовираа програмата „За Модерно Скопје, брзо и сигурно”. Ниту модерно ниту брзо а најмногу од се најнесигурно. За жал, сведоци сме дека продолжува препукувањето на релација ДПМНЕ и Арсовска. Меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за тоа кој е виновен за колапсот во Градот Скопје, изјави советникот Гордан Шутаров. 

СДСМ, вели тој, како опозиција во Советот на Град Скопје ќе продолжи да делува конструктивно и секогаш ќе ги поддржува проектите кои се во интерес на скопјани.

-СДСМ нема да блокира и нема да прави дневна политика од тоа затоа што за СДСМ скопјани се на прво место, вели Шутаров посочувајќи дека меѓусебните опструкции на ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска прават огромна штета на граѓаните на Скопје. 

Можете да прочитате

Ќе има ли новогодишно украсување на Скопје: Арсовска на прашањето

Арсовска: Долгот од централната власт кон ЈСП во јануари ќе достигне 10 милиони евра

ЈСП доби шест еколошки автобуси, донација од Европската унија