Утрински Весник
Македонија

Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на свечената промоција на офицери и подофицери на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“

Foto 8 Scaled.jpg

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски” во Скопје се обрати на свечената промоција на 24. класа  на питомци во прв офицерски чин – потпоручник, слушателите на Курсот за офицери на служби во почетен офицерски чин – поручник и слушателите на основниот курс за подофицери во прв подофицерски чин – водник.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска Давкова пред питомците истакна дека тие стануваат офицери во период на глобална неизвесност, на геополитички тензии, на воени конфликти и дека како офицери на НАТО- армија, од нив се очекува да ги исполнуваат највисоките професионални стандарди и врвни критериуми.

Претседателката изрази уверување дека тие активно ќе учествуваат во справувањето со традиционалните и новите асиметрични и хибридни закани во физичкиот и сајбер-просторот и дека ќе треба да придонесуваат за колективната безбедност и одбрана преку учество во мировни мисии и операции, да ја одржуваат борбената кондиција на меѓународните воени вежби со нашите сојузници и стратешки партнери.

Во рамки на свечената промоција, претседателката Сиљановска Давкова на потпоручник Милица Перишиќ од Црна Гора и додели плакета за најдобар успех во 24. класа питомци на Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски”.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова.

Горда сум на питомците, горда сум и на вас. Особено сум горда што најдобрите питомки се жени. Како врховна командантка на вооружените сили, навистина ми е особена чест да учествувам на оваа промоција во офицерски чин на питомците и студентите на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски”. Ви честитам вам, на вашите професори, и веќе реков, на вашите најблиски. Нема поголема инвестиција од онаа во знаењето.

Но, како учителка, но и како жена ви препорачувам да преферирате авторитет наместо моќ.

Многу пати сум рекла, но повторно ќе кажам – ве поздравувам како партизанска ќерка, како ќерка на некој кому командант му бил Михаило Апостолски. Оваа држава ја ослободиле млади луѓе, оваа држава ја ослободиле луѓе посветени на татковината. Затоа и јас никогаш нема да заборавам дека мојот татко бил во Првата македонско-косовска ударна бригада.

Особено сум горда на академијата кога слушам дека првенката е од Црна Гора. Има ли поголем доказ од тоа за квалитетот на академијата и за објективноста на професорите.

Зошто споделив дел од мојата лична приказна со вас? Бидејќи како Врховна командантка на вооружените сили ми сстана јасно дека многу често децата, ќерките и синовите на веќе ангажираните во Армијата и во академијата како да сакаат да се натпреваруваат со своите родители. И тогаш е успехот навистина голем. Среќна сум  што овде во прочитаните чув имиња од различна етничка, верска, јазична и друга припадност. Оваа школа е не само школа за знаење, оваа школа, како што чувме од прворангираната, е и животна школа, школа на солидарност, школа на хуманост, школа на разбирање. Вашите животи знам дека се различни. Но, денеска овде и за време на студиите се спојуваат. Животот е еден трнлив, незапирлив марш кон слобода, кон знаење, кон успеси. Никогаш не заборавајте дека тој пат го изоделе и го отвориле илинденците, партизаните, асномците, а потоа и вие.

Армијата, е всушност, едно семејство од лични приказни, меѓутоа не е само обичен збир на припадници. Има нешто заедничко –  сите вие овде, на кои јас сум горда, офицери, подофицери, војници, сте обврзани со нешто свето, со свечената заклетва, да ја браните слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на нашата македонска татковина. Се разбира, војската бара дисциплина, не само посветеност. Затоа и вие дисциплинирано, совесно и одговорно, како што студиравте, како што учевте, така и да ги извршувате обврските и должностите како бранители на слободата и честа на татковината.

Вие станувате офицери во период на глобална неизвесност, на геополитички тензии, на воени конфликти. Како офицери на НАТО- армија, од вас се очекува да ги исполнувате највисоките професионални стандарди и врвни критериуми. Сигурна сум дека вие активно ќе учествувате во справувањето со традиционалните, меѓутоа и новите асиметрични и хибридни закани во физичкиот и сајбер-просторот. Вие ќе треба да придонесувате за колективната безбедност и одбрана преку учество во мировни мисии и операции, да ја одржувате борбената кондиција на меѓународните воени вежби со нашите сојузници и стратешки партнери.

Но, ве молам, никогаш не заборавајте од каде доаѓате. Никогаш не заборавајте ја вашата заклетва, дека сте тука пред сè и над сè за македонските граѓани и за одбраната на македонската република.

Со вашата одговорност и дисциплина, со вашиот патриотизам и професионализам, вие треба да бидете пример и гордост за македонското општество. Да се биде офицер, подофицер, војник во македонската армија било, е, и треба да биде чест. И во добро и во лошо, државата и граѓаните можеле и можат да се потпрат на вас, на армијата, не само во справувањето со елементарните непогоди и кризните состојби, туку и во справувањето со конфликтите. Секогаш тоа го правевте професионално и пожртвувано. Впрочем и затоа Армијата континуирано ужива највисока доверба меѓу македонските граѓани.

Тоа ме прави горда на вас. Тоа ги прави вашите семејства, и на овие жештини, вашите пријатели, но и сите сограѓани, горди на вас. Денешнава промоција ќе биде настан број еден.

Моја, наша, ваша должност е да помогнете достоинствено да се врши оваа задача. Посакувам да продолжиме да вложуваме во модернизацијата и опремувањето на Армијата, иако не посакувам војни во светот. Се срамам што во 21 век се соочуваме со воени конфликти. Ве молам, да имате разбирање, како што имавте разбирање сега за колешката, за родова еднаквост и за кариерен напредок во сите области и на сите нивоа.

Името на оваа армија, името на оваа воена академија што персонифицира знаење и посветеност е големо, името на генералот Михаило Апостолски. Тука, на ова место, се образуваат и се обучуваат сегашните и идните воени лидери на македонската армија, чуварите на честа и достоинството на државата. Затоа со гордост ја употребувам придавката почитувани војници и офицери, почитувани професори.

Оваа академија е отворена и за питомци од НАТО и од партнерските држави, а мене регионалниот развој ми е многу важен. Со нив ги споделуваме знаењата и учествуваме во градењето на колективната одбрана и безбедност.

На крајот, почитувани присутни, почитувани питомци, почитувани офицери, подофицери,

Уште еднаш, од срце ви благодарам што го одбравте овој пат. Ви честитам за постигнувањата и ви посакувам голем успех во извршувањето на вашата одговорна задача. Ваша сум.

Можете да прочитате

Мицкоски: Владата ги плаќа долговите за автобусите на Арсовска

ДОАЃА НЕСТАБИЛНО ВРЕМЕ СО ЧЕСТИ ВРНЕЖИ, ЕЛЕКТРИЧНИ ПРАЗНЕЊА И НЕВРЕМЕ: Совети за заштита при појава на електрични празнења и невреме

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ им гласа одлуки на ДУИ, оние кои ќе ја дестабилизираа државата