Утрински Весник
Балкан

Петковиќ: Учеството на Србите во гласањето на референдумот би било негација на здравиот разум

Picture 991 660x500 1.jpg

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија на Р.Србија, Петар Петковиќ, гласањето за смена на градоначалниците на северот на Косово го нарече „фарса“ на косовските власти и оцени дека учеството на Србите на него би било „негација на здравиот разум“, јави дописникот на МИА од Белград. Според неговото соопштение гласањето во општините Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, го нарече „театар на апсурдот“ режиран од (премиерот на Косово) Албин Курти. -И сосема е разбирливо што косовската претседателка Вјоса Османи е во паника и повторно фрла дрвја и камења кон Белград и кон претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави Петковиќ. Претседателката на Косово, Вјоса Османи, претходно оцени дека гласањето за смена на градоначалниците на општините на северот на Косово пропаднало поради притисокот од Белград, кој, како што наведе, го вршеле Српска листа и нелегални криминални структури. Таа на Фејсбук напиша дека Србија уште еднаш незаконски се мешала во изборниот процес на друга земја и дека, како што додаде, Вучиќ уште еднаш го прекршил зборот пред меѓународните партнери. Петковиќ смета дека учеството на Србите во фарсата би било негација на здравиот разум, бидејќи, како што тврди, Приштина долго време им ускратила каква било можност да се борат за својата позиција и опстанок на Косово преку демократски методи. -Уште еднаш ги повикувам „големоалбанските идеолози“ во Приштина да се откажат од агресивниот и ригиден политички курс и преку дијалог, што значи, пред сè, спроведување на обврските што се однесуваат на Заедницата на српските општини (ЗСО), да се даде шанса за мир и стабилизација на регионот , рече Петковиќ.

Можете да прочитате

Сопственикот и архитектот на хотелот во Турција кој се урна во земјотресот осудени на 18 години затвор

Семејно насилство во Белград: ја злоставувал мајка си, па и држел нож на грло

Курти ја обвини најголемата партија на косовските Срби дека го претставува Белград