Федералната служба за безбедност на Руската Федерација (ФСБ) објави дека уапсила уште тројца осомничени во врска со вооружениот напад на 22 март во Москва во кој загинаа 144, а 551 беа повредени по избувнувањето на пожар.
Во соопштението се наведува дека еден од уапсените е државјанин на Русија, а двајца се мигранти од „регионот Централна Азија“ – пренесе руската агенција ТАСС.
Двајца се уапсени за „префрлање пари за набавка на огнено оружје и возила“ што ги користеле напаѓачите во Москва, а третиот „директно учествувал во регрутирање соучесници и финансирање на нивните сторители“ – наведува ФСБ.
Напаѓачите биле уапсени истата вечер, според властите, додека се обидувале да побегнат во Украина.
Тогаш беше објавено дека се уапсени и четворица наводни соучесници, две лица кои го продале автомобилот што го возеле напаѓачите, а едното им изнајмило стан. Истрагата смета дека сите знаеле дека доаѓа терористички напад.