Утрински Весник
Македонија

Османи: Може да ги завршиме поглавјата за членство во ЕУ за четири до пет години

T 21.webp.webp

За четири до пет години, може да ги завршиме поглавјата за членство во Европската унија имајќи предвид дека 40 отсто од работата веќе ја имаме завршено, изјави денеска министерот за надворешни работи и претседателски кандидат на Европскиот фронт, Бујар Османи.

Можеме за четири до пет години да ги затвориме поглавјата, имајќи предвид дека веќе 40 отсто од работата ја имаме завршено. Предничиме од сите држави во регионот, можеби тоа е бидејќи сме долго време во процесот, меѓутоа тие 60 отсто што останаа незавршени како преземање на европско законодавство, можеме да го завршиме за четири до пет години. Потоа оставам една до две години за ратификации во парламентите на земјите членки на Европската унија и до 2030 може да станеме земја членка на ЕУ, рече Османи.

Доколку ја добие довербата од граѓаните за извршување на функцијата претседател на државата, Османи ќе иницира изборот на претседателот на државата да биде во законодавниот дом, бидејќи според него, тоа ќе ја деполаризира политичката сцена. Вели на тој начин претседателот ќе биде плод на консензус на политичките партии во македонскиот и албанскиот блок, како и деполаризатор кој ќе обезбеди државата да не биде во перманентни политички кризи.

Изборот на претседател со консензус во законодавниот дом, додава Османи, не е етничко прашање.

– Јас ќе иницирам една таква идеја за да постигнеме консензус во општеството по тоа прашање, бидејќи тоа не е прашање кое што е етничко и ги засега Албанците, туку уште повеќе ги засега Македонците и македонските политички партии. Повеќето претседатели се именувани со презиме, а не со претседател, бидејќи не беа признаени од опозицијата. Тоа значи дека тој претседател не можел да ја врши својата работа како татко на нацијата, рече Османи.

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!