Утрински Весник
Македонија

Партиите што ќе изгубат на изборите повеќе да не се занимаваат со политика, предлага ДУИ

Bekteshi.jpg

Министерот за економија Крешник Бектеши од редовите на ДУИ денеска даде предлог и ги повика сите политички партии да се договорат – оние коишто ќе изгубат на претстојните избори да се повлечат од политиката. Бектеши ова го кажа во одговор на новинарско прашање дали лидерот на ДУИ, Али Ахмети, би се повлекол од партиската функција доколку Демократската унија за интеграција биде поразена на следните избори.

„Тоа е прашање за господинот Ахмети, но еве, повикувам да направиме договор, ако сакаат и јавно да потпишеме договор меѓу сите политички парии – тој што ќе изгуби веќе да не се занимава со политика. Ние ја фрламе ракавицата, нека повелат сите политички партии вклучувајќи ja и ВМРО-ДПМНЕ и другите партии. Но, зошто ова не би се случило, затоа што овие т.н. лидери на политички партии – тоа не важи само за македонската опозиција туку и за другите лидери – сите изгубиле избори не еднаш туку повеќепати, само господинот Ахмети никогаш не изгубил и нема да изгуби избори“,рече Бектеши одговарајќи на новинарското прашање.

Повикувајќи се на резултатите од предизборните анкети, Бектеши оцени дека ДУИ ќе биде победник во албанскиот политички блок на парламентарните избори. Прашан за можна коалиција со СДСМ на изборите, министерот рече дека во моментов двете партии не се многу блиску до можноста за заедничко коалицирање.

Во однос на предлогот на Бектеши партиите кои ќе ги изгубат изборите повеќе да не се занимаваат со политика, денеска за коментар беше прашан доскорешниот премиер и актуелен лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.

„Уф, тоа е… не знам што кажал Крешник Бектеши, така што не би можел навистина да коментирам“рече Ковачевски.

Прашан како размислува по однос на овој предлог и дали ако Социјалдемократскиот сојуз загуби на изборите, дали тој лично би се повлекол од партијата, Ковачевски одговара:

„Видете, јас сум во СДСМ од 1994 година и оттогаш досега СДСМ победувал на изборите. СДСМ имал и помалку успешни резултати на изборите меѓутоа тоа се однесува на сите членови коишто се од тоа време во СДСМ. Тоа е исто како да кажете дека ако фудбалски тим изгуби натпревар тогаш сите фудбалери и тренери повеќе никогаш да не се занимаваат со фудбал. Навистина не сум јавидел изјавата и не можам во детали да коментирам. Политичарите се занимаваат со политика, тие нудат свои решенија, а граѓаните оценуваат што е во нивен интерес во даден момент – во одреден момент поддржуваат една партија, подоцна поддржуваат друга политичка партија, на локално ниво поддржуваат една партија, на државно ниво подджуваат друга, често пати инезависни кандидати знаат да бидат избрани било да се работи на локални или парламентарни избори.“

Можете да прочитате

Возилото било кај зградата на Вања три дена пред грабнувањето, вели сведокот на денешното рочиште

Следните неколку денови стабилно, па повторно промена и дожд

Молика стара 250 години уништена од силен ветер