Утрински Весник
Македонија

По пријава за насилство, полицијата треба во рок од 12 часа да го извести обвинителот вели Андонова

Img 8392.jpeg

Во рок од 12 часа по пријава за семејно или родово базирано насилство, полицијата треба да изготви извештај за преземените дејствија и да го извести надлежниот јавен обвинител, објасни јавната обвинителка Спасенка Андонова во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Таа посочи дека полицијата има обврска да ја прими и евидентира секоја пријава, да ги утврди околностите на настанот и да ги преземе потребните мерки за заштита на загрозените лица.


„Во рок од 12 часа треба да се изготви полициски извештај за сите дејствија и активности што се преземаат по повод пријавата од жртвата“, рече Андонова.

Во истиот рок, според неа, полицијата треба да го извести и надлежниот јавен обвинител, кој потоа дава насоки и наредби за понатамошното постапување. Андонова нагласи дека треба да биде известен и Центарот за социјални работи, особено кога во домот има деца или кога на жртвата ѝ е потребна дополнителна заштита.

Покрај во полиција, жртвите можат да се обратат и во Центарот за социјални работи и во Јавното обвинителство, а помош можат да побараат и преку невладини организации и СОС-линии, посочи обвинителката.

„Пријавата е иницијалниот момент. Оттука почнува постапувањето на институциите“, нагласи Андонова.

Таа порача дека полицијата, обвинителството и социјалните служби треба навреме да разменуваат информации и координирано да постапуваат за жртвата да добие соодветна заштита.

Можете да прочитате

Андонова: Алкохолот и дрогата се присутни во многу случаи на семејно насилство

Андонова: Има случаи кога децата сами пријавуваат семејно насилство

ЈП „Македонијапат“: Поради силен ветер на неколку патни правци паднати дрва и семафор