Утрински Весник
Македонија

Министерката Петровска за својата љубов кон милениците: Кучињата ме научија на дисциплина и одговорност

738f0792 8aab 4bdc A12e F50d6c696d46.jpg

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска како гостинка на емисијата „Магазин“ на ТВ Сител, зборуваше малку повеќе за својот приватен живот, при што граѓаните имаа прилика да ја видат и нејзината друга страна, надвор од политиката.

Петровска раскажа повеќе анегдоти и сподели фотографии од приватната архива за тоа какво било нејзиното детство, студентскиот живот и животот пред да влезе во политиката, но исто така ја истакна и својата љубов кон милениците, поточно кон кучињата.

Како што раскажа, оваа нејзина љубов почнала уште додека била дете, кога заедно со родителите чувале домашни миленици, но таа повеќе сакала да вдомува улични кучиња и да се грижи за нив, па во еден момент од животот во домот чувале дури пет кучиња. За неа кучињата се многу повеќе од миленик и истите ги смета за членови на семејството, а меѓу другото Петровска истакна и дека токму чувањето на миленици, ја направиле она што таа е денес, одговорна и дисциплинирана личност.

„Од кога бев мала во суштина тие ме научија на многу голема одговорност и посветеност. И веројатно тоа е причината што овие работи и до ден денеска се во мојот карактер, бидејќи сум и дисциплинирана и одговорна. Тоа било така затоа што дел од обврските за тоа милениче ми припаѓале и мене, бидејќи сите сме си имале свој дел од таа грижа и би можела да кажам дека тоа понатаму прераснува во зависност, слатка зависност, меѓутоа многу добра“, изјави таа.

Петровска и денес како министерка има свое милениче, кое го носи и на својата работа во Министерството, впрочем оваа денешна позиција е причината поради која таа го вдомила своето кученце Стела. Имено, минатата година, на еден јавен говор на министерката во касарната „Гоце Делчев“, токму ова кутренце се качило на нејзината говорница, што министерката го видела како знак дека мора да го двоми веднаш.

„Протокол е дека јас треба да бидам горе заедно со началникот и командантите, а пред нас се строевите построени, па така додека седев и чекав да ме повикаат, приметив едно мало кутре како се врти помеѓу војниците коишто беа построени и не смеат да мрднат. Уште тогаш си помислив во себе ако се качи на бината јас ќе го земам, и се разбира после тоа кучето го снема. За кратко време застанав на говорница и почнав да го држам говорот, па со еден дел од окото видов и сфатив дека кутрето се качува на говорница, почнува да ми се вртка околу нозете и да цивка, по што го отстранија од бината. Кога завршивме јас веднаш прашав каде е кутрето и реков да го вратат назад бидејќи јас ќе го вдомам“, заврши министерката со забелешка дека Стела во министерството денес носи многу позитивна енергија за сите.

Можете да прочитате

Тошковски: Договорено взаемно признавање на возачките дозволи со Обединетите Арапски Емирати

Сообраќајот кон Пониква и кон село Бели се одвива по една коловозна лента

Четврти Меѓународен форум на креативни индустрии во Скопје