Утрински Весник
Македонија

Пред Судскиот совет иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд

Беса Адеми

Судскиот совет денеска на седница треба да расправа и да одлучува по извештајот од Комисијата на известители во врска со иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми.

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева вчера во изјава за емисијата „360 степени“ кажа дека очекува на денешната седница, по однос на извештајот од Комисијата на известители, да биде донесена правилна одлука.

Дамева потврди дека извештајот на Комисијата на известители е готов и оти за него ќе се расправа како седма точка на дневниот ред насловена „Расправа по извештај за констатирана состојба“.

– Станува збор за извештај во којшто Комисијата, изведувајќи ги сите докази врз основа на одржана јавна расправа, го констатира тоа во документот, но би сакала да напоменам дека согласно Законот за Судски совет донесен во 2019 година, Комисијата не дава предлог до Советот во смисла на лично мислење. Само ја констатира фактичката состојба врз основа на изведени докази, врз основа на расправа. На Советот в среда останува да расправа и да одлучи, врз основа на тоа, дали има сторено повреда и доколку има, која е повредата и каква ќе биде финалната одлука, тоа ќе почекаме, појасни Дамева.

Таа посочи дека денешната расправа ќе биде отворена за јавноста и на седницата сите членови на Советот може да се изјаснат за извештајот од Комисијата по што треба да се донесе одлука.

– Прво за што се изјаснува Советот е за запирање на постапката, за што се потребни најмалку седум гласа. Доколку нема мнозинство, се пристапува кон констатирање дека е сторена повреда и кон изрекување на една од утврдените законски дисциплински мерки, почнувајќи од најтешката кон најлесната, што значи првата е разрешување, па парична казна имајќи предвид висината и времетраењето, па јавен укор и на крај опомена, вели Дамева.

Таа наведува дека има изградено личен став по однос на ова прашање, а за нејзините колеги рече дека ниту за овој случај, ниту за кој било друг, не би можела да претпостави кој како би гласал, но се надева дека тие ќе ја земат предвид целокупната фактичка состојба и врз основа на доказите ќе донесат правилна одлука.

Во однос на неколкумесечното непојавување на претседателката на Врховниот суд Адеми на седниците на Судскиот совет, Дамева рече дека за тоа одговор треба да се побара лично од неа, но доколку се прашува таа како претседателка на Судски совет, таа е задоволна од присуството на Адеми, бидејќи претседателот на Врховниот суд може да биде од помош за работата на Судскиот совет.

Претседателката на Врховен суд, Беса Адеми,  се вклучи во работата на Судски совет со нејзиното присуство и учество на 472 седница одржана на 11 јануари. Ова следуваше по јавната седница што се одржа на крајот од декември лани, кога Судскиот совет одржа расправа за иницијативата поднесена од членот на Советот, Миљазим Мустафа, за утврдување одговорност на Адеми.

По однос на расправата за двете точки од иницијативата, за непојавувањето на седници на Судскиот совет на Адеми без да даде соодветни докази, како и интервјуто во кое зборува за политички притисоци, беше посочено дека со неприсуството на седниците на Судскиот совет таа покажала професионална и правна некултура во постапувањето и почитување на институциите во рамки на правосудниот систем. Според Адеми, пак, сите случувања во Судскиот совет биле демотивирачки од професионален аспект.

На расправата, Мустафа побара одлука со која ќе се утврди нејзина одговорност и разрешување. Од друга страна, одбраната на претседателката на Врховниот суд ги оцени наводите како неосновани и побара одлука со која постапката ќе запре.

Судскиот совет на Република Северна Македонија е самостоен и независен орган кој ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите. Советот е составен од 15 члена, од кои по функција негови членови се претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија и министерот за правда. Според Законот за Судски совет, членовите на Советот по функција учествуваат во работата на Советот без право на глас, но не учествуваат во работата на седниците на Советот на кои се расправа и одлучува за поведена постапка за утврдување на одговорност, избор или разрешување на судија или претседател на суд.

Можете да прочитате

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи

До петок стабилно и сончево – викендов снег

Мајката-херој се борела со стерилитет, во бракот со сопругот 37 години се труделе да добијат деца