На околу 100 километри од предградијата на Москва, камиони блокираат мост, соопштено е во видео чија автентичност ја потврди и Би-Би-Си.
Според британскиот јавен сервис, руските власти се сериозно загрижени дека членовите на паравоената група „Вагнер“ наскоро би можеле да стигнат до Москва. Претходно властите на областа Липецк потврдија дека Вагнерците минуваат низ тој регион и дека се движат на север кон руската престолнина.
Во Москва беше воведен режим на антитерористичка операција, а градоначалникот Сергеј Собјанин го прогласи понеделник за неработен ден со цел да се минимизираат ризиците во руската престолнина. Собјанин на Телеграм изјави дека градските служби се во состојба на готовност.