Том Круз го промовираше седмиот дел од серијалот Mission: Impossible на премиерата на филмот во Лондон во четвртокот.
Актерот го опиша Dead Reckoning – Part One („Одмазда – Прв дел“) како најголем момент од филмската сага досега.
На црвениот тепих му се придружија колегите Сајмон Пег, Хејли Атвел, Ребека Фергусон и Ванеса Кирби, и режисерот Кристофер Меквери.
Рецензиите на критичарите за филмот ќе бидат објавени на 5 јули, а филмот ќе почне да се прикажува во кината ширум светот на 14 јули.
„Филмот од два дела ја означува кулминацијата на сите мои вештини,“ рече Круз и вети дека дури и оние кои не се запознаени со серијалот ќе имаат епска авантура.
Круз ја репризира својата улога како Итан Хант во исклучително успешната франшиза.
Во најновиот филм со оригинален наслов Mission: Impossible Dead Reckoning Part One, Итан заедно со тимот за невозможни мисии (ИМФ) е во потрага по застрашувачко ново оружје што му се заканува на човештвото.
Филмот, кој се снимаше делумно во Обединетото Кралство, а и во Италија, ги прикажува вообичаените акробации кои ѝ пркосат на смртта, вклучувајќи ја и таа кога Круз скока од карпа на мотор.
Говорејќи на премиерата на филмот во Лондон, тој рече дека уште како дете отсекогаш сакал да снима филмови и се посветил на преземање нови предизвици и учење нови вештини.
„Од малечок, тоа го правев“, изјави 60-годишникот за новинската агенција PA Media.
„Кога имав три или четири години скокав од покривот и се качував на дрвја – сакав да снимам филмови, сакав авантура, сакав да патувам низ светот.“
Процесот на снимање на филмот беше попречен од бројните прекини во екот на пандемијата, при што во декември 2020 година протече аудио снимка на која Круз е бесен на продукцискиот персонал за очигледно непочитување на правилата за спречување на ширење на Ковид -19.
Секој филм во сагата Mission: Impossible досега има заработено најмалку 100 милиони долари на светските киноблагајни.
Најуспешниот досега е шестиот дел, Mission: Impossible – Fallout, кој инкасираше 220 милиони долари, иако претходните филмови беа објавени на крајот на милениумот и нивната заработка не се прилагодена на инфлацијата.