Утрински Весник
Македонија

Треновски: Може да имаме поголеми плати, а да живееме исто како денес

Img 5921.jpeg

Најавената просечна плата од 1.000 евра до 2028 година не мора автоматски да значи и подобар животен стандард за македонските граѓани. Доколку паралелно со платите продолжат да растат и цените на основните производи и услугите, куповната моќ може да остане непроменета.

Ова го истакна универзитетскиот професор Борче Треновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, коментирајќи ја најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека просечната плата во Македонија до 2028 година ќе достигне 1.000 евра.


Според Треновски, суштинското прашање не е колку номинално ќе изнесува просечната плата, туку што граѓаните реално ќе можат да си дозволат со своите месечни примања.

„Важно ми е колкава ќе биде реалната плата и каков ќе биде стандардот на граѓаните. Дали ќе бидат задоволни и дали ќе можат да ги платат сите свои услуги и потреби во текот на месецот“, истакна професорот.

Тој објасни дека растот на платите мора да се разгледува заедно со инфлацијата, бидејќи повисоките примања сами по себе не гарантираат подобрување на животниот стандард.

„Ако ги зголемите платите, но за ист процент се зголемат и цените, вашиот стандард останува ист“, нагласи Треновски.

Професорот посочи дека дури и кога инфлацијата се намалува, тоа не значи дека цените се враќаат на претходното ниво. Напротив, поскапувањата од изминатите години продолжуваат да влијаат врз семејните буџети, а граѓаните секојдневно ги чувствуваат нивните последици.

Треновски очекува дека платите во Македонија ќе продолжат да растат во наредните години, меѓу другото и поради недостигот од квалификувана работна сила, иселувањето и притисокот врз компаниите да понудат подобри услови за да ги задржат вработените.

Сепак, тој не сакаше да прогнозира дали просечната плата навистина ќе ја достигне најавената граница од 1.000 евра до 2028 година.

„Би бил среќен да биде и повеќе. Не сакам да шпекулирам со номинални бројки. По природен пат, во следниот период платите би растеле“, рече Треновски.

Според него, долгорочно и одржливо зголемување на платите може да се обезбеди само со поголема продуктивност, технолошки напредок, инвестиции и подобрување на условите за работење на компаниите.

Неговата главна порака е дека економскиот успех не треба да се мери исклучиво преку висината на просечната плата, туку и преку реалната куповна моќ и можноста граѓаните достоинствено да ги покриваат своите секојдневни потреби.

Можете да прочитате

Треновски: Не очекувајте големо поевтинување на становите, но цените може да стагнираат

Треновски: Иселувањето на младите е најскапиот извоз на Македонија

Филипче: Ветуваа правда, а никој не одговара, границата е „швајцарско сирење”