Во две турски провинции кои беа уништени од минатомесечниот катастрофален земјотрес, поплавите предизвикани од обилните дождови однесоа 14 животи и дополнително ја зголемија бедата и страдањата на илјадници луѓе кои останаа без покрив над главата по земјотресот, соопштија турските власти.
Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу потврди дека спасувачките екипи се уште трагаат по пет лица кои се водат за исчезнати на три поплавени локации.
Силните поплави ги претворија улиците на градовите во провинциите Адијаман и Санлиурфа во реки кои носат автомобили, куќи и привремено сместувачки кампови за жртвите од земјотресот.
Најмалку 12 лица загинаа во Санлиурфа, меѓу кои пет сириски државјани чии тела беа пронајдени во поплавен подрумски стан и уште две лица кои ги загубија животите во комбе заробено под надвозник.
Во Адијаман две лица се удавија, чија куќа со контејнери ја однесе поројот, а неколку лица се евакуирани од шаторите за преживеаните од земјотресот.
Евакуирани се и пациентите од одделението за интензивна нега на болницата во Санлиурфа, јавуваат локалните медиуми, наведувајќи дека неконтролираните силни порои предизвикале уривање на дел од регионалниот автопат.
Турската агенција за управување со катастрофи соопшти дека повеќе од 10 професионални нуркачи биле вклучени во спасувачките напори во двете погодени провинции.