Директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, ги демантира вчерашните наводи на „Транспаренси интернешнл“ за судир на интереси во работењето на Агенцијата.
На денешниот брифинг со новинарите Лазаревски рече дека ниту едно од споменатите имиња немаат никаков конфликт на интереси ниту, пак, имало намера да имаат конфликт на интереси.
„Наспроти тврдењата на ‘Транспаренси интернешнл’, кој постапува по пријава на едно лице, а за нивната истрага доставивме повеќе од 500 страници документиран материјал. Во прилог на тоа, од изнесеното на прес-конференцијата не видовме доказен материјал што би потврдил какви било незаконски или можни злоупотреби“, рече Лазаревски.
Додаде дека лицата што се вклучени во процесот на евалуација се избираат според високо утврдени критериуми за компетентност на работата.
„Транспаренси интернешнл Македонија“ вчера објави дека констатирале постоење судир на интереси во постапувањата на Агенцијата за филм при распределба на средства по конкурс за краткометражни и долгометражни филмови од 2022 година.