Утрински Весник
Култура

Се отвора изложба на дела од Петар Лубарда во Музејот на современата уметност

Се отвора изложба на дела од Петар Лубарда во Музејот на современата уметност

Во Музејот на современата уметност – Скопје на 1 март во 20 часот ќе биде отворена изложба на дела од уметникот Петар Лубарда.

dobivaj vesti na viber

Изложбата е заедничката соработка на министерствата за култура на Црна Гора и Република Северна Македонија, амбасадата на Црна Гора и Музејот на современа уметност – Скопје под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Куратори на изложбата се Благоја Варошанец и Владимир Јанчевски. Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.
Во годината кога се одбележуваат 60 години од скопскиот земјотрес, на изложбата ќе биде претставен сликарскиот опус на Петар Лубарда, најзначајниот уметник и еден од најистакнатите сликари на територијата на поранешна Југославија од втората половина на 20 век.

Во октомври 1963 година, Петар Лубарда ги подарил сите 26 дела од неговата изложба во Ниш, подоцна изложени и во Скопје, со што тој станал, не само еден од првите, туку и меѓу најголемите дарители на МСУ – Скопје. Музејот во својата колекција има вкупно 52 дела, помеѓу кои 40 слики во техника масло на платно и лесонит, два акварели и десет цртежи кои опфаќаат две и пол децении од кариерата на уметникот (1942-1966).

„Изградена како заеднички потфат на авторот и Музејот, оваа колекција на репрезентативен начин го претставува развојот на уметничкиот израз на Лубарда, а според квалитетот и обемот претставува една од најзначајните и најобемните збирки на дела. Приврзаноста на Лубарда за специфичниот црногорски пејсаж и љубовта кон старата култура, кон судбоносните и историските теми, може да се проследат преку неговите дела од колекцијата на МСУ. Она што e особено значајно во неговиот уметнички израз е неговото драматично чувство за светот како целина во корелација со географските, социјалните, политичките и културните слоеви на местото на потекло, како и неговата епска ширина, неговата глобална визија и уметноста на спојување на националното и универзалното. Неговиот фигуративно-асоцијативен експресионизам е исполнет со медитерански импулси преточен во подеднакво рудиментирани, интензивно обоени апстракции. Лубарда на впечатлив начин ги вклучува локалните теми и мотиви и ги трансформира низ формалната игра со визуелните елементи, вградувајќи ги во стремежот за универзалното“, велат кураторите Јанчевски и Варошанец.

Петар Лубарда (1907–1974) во меѓувоениот период студирал сликарство во Белград и Париз, а од 1932 година до неговата смрт во 1974 година живеел во Белград. Неговиот особено експресивен фигуративен стил, кој се граничи со асоцијативна апстракција, му донесе широко меѓународно признание, вклучително и една од трите меѓународни откупни награди за сликарство на Биеналето во Сао Пауло во 1953 година.

После подолго време пошироката јавност ќе има прилика да ги види сите дела на Лубарда од Колекцијата на МСУ-Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на неговите изложби и донациите. Во време на кризи, катастрофи и воени судири, кои го обременуваат современиот свет, важно е потсетувањето на концептот за солидарност на кој се темели МСУ-Скопје и меѓународната соработка, кои се основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици.

Изложбата ќе биде отворена до 31 март 2023 година.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“