Утрински Весник
Свет

Илон Маск подготвен да почне со вградување специјални чипови во човечкиот мозок

Илон Маск подготвен да почне со вградување специјални чипови во човечкиот мозок

Компанијата Neuralink ќе започне со клиничко тестирање на чипови кои ќе бидат вградени во човечкиот мозок во следните шест месеци, најави најбогатиот човек на светот Илон Маск.

dobivaj vesti na viber

Оваа компанија, која е во сопственост на човекот кој ги поседува Tesla, Space X и Twitter, со години развива безжичен чип кој ќе им овозможи на пациентите повторно да се движат и да комуницираат. Досега го тестирале на животни и бараат одобрение од американската Администрација за храна и лекови (ФДА) за експерименти врз луѓе.

„ Мораме да бидеме исклучително внимателни и да се погрижиме да работи добро пред да го ставиме овој уред кај луѓето. Теоретски, напредокот треба да биде огромен. Прво, ќе го пробаме уредот на две лица за да им го вратиме видот и повторно да ги активираме мускулите што не можат да ги движат. Дури и ако никогаш не гледал, ако е роден слеп, веруваме дека можеме да му го вратиме видот – изјави Маск на конференција во Сан Франциско.

И покрај неговите најави, не е сигурно дека компанијата лесно ќе ја добие таа лиценца за клиничко испитување, особено откако „Ројтерс“ објави дека Neuralink е под федерална истрага за можна злоупотреба на животни за време на тестирањето. Има многу поплаки дека многу животни страдале и умреле за време на експериментите. Компанијата убила околу 1.500 животни од почетокот на експериментите во 2018 година.

Илон Маск досега најмногу и најотворено зборуваше за спојувањето на луѓето и машините.

„ Уредот би требало да се вгради директно во черепот за електродите да можат да комуницираат со делови од мозокот. Во основа, со него би можеле да го поправиме секој проблем во мозокот. Покрај тоа, тоа е само почеток, бидејќи целта е да се овозможи симбиоза на човекот и вештачката интелигенција – изјави претходно Маск.

Таа симбиоза, како што кажа уште во 2017 година, е неговата цел.

„ Наскоро веројатно ќе видиме се поголемо спојување на биолошката и дигиталната интелигенција. Компјутерите комуницираат со брзина од неколку трилиони бита во секунда, додека луѓето внесуваат податоци во компјутерите со брзина од 10 бита во секунда. Во време кога вештачката интелигенција се шири, луѓето можат да станат бескорисни доколку самите не се спојат со машините – изјави најбогатиот човек на светот.

Можете да прочитате

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години

Хамас вели дека се „подготвени“ за примирје во Газа по прекинот на огнот во Либан

Над седум милиони Американци ќе можат да добијат бесплатни лекови за прекумерна тежина