Втор ден Министерството за одбрана молчи за украдените класифицирани документи и за украдените компјутери на кои имало строго доверливи документи, реагира Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
„Голем срам е министерството за одбрана на НАТО членка да биде нетранспарентно за ваков настан, а уште поголем срам е да си неспособен да заштитиш класифицирани документи и компјутери. Ова е случај кој мора да заврши со кривична одговорност и кон одговорните кои не преземале мерки и овозможиле поединци или група да во сред центар на градот, се осмелат да влезат во заштитен објект на министерството за одбрана и да крадат документи и компјутери“, пишува Ковачки.
Појаснува дека според Законот за класифицирани информации, класифицирана информација со степен „Строго доверливо“ е информација чие неовластено откривање би предизвикало исклучително сериозна штета за виталните интереси на Република Македонија.
„Кога се крадат класифицирани документи (мобилизациски) со степен на тајност Строго Доверливо, а за тоа молчи Министерот – Славјанка Петровска, а молчи и Врховниот Командант – во случајов Стево Пендаровски, се отвора сомнеж дека сакаат да го прикријат настанот со цел да се спасат од одговорност“, додава Ковачки.
После ваков скандал, како што додава, министерот за одбрана треба да си поднесе оставка, а Претседателот на државата треба помалку да зборува за енергетската состојба која не му е во надлежност, туку да се заинтересира за тоа кој и зошто се дрзнал да краде мобилизациски и друг тип на документи, како и за тоа колкава штета е нанесена на Одбраната во која тој има надлежност