„Според првичните информации, најмалку 21 лице се повредени, а 15 загинаа во конфликт меѓу затвореници“, се вели во соопштението на еквадорската затворска управа.
Управата соопшти дека тактичките единици продолжуваат со операциите за враќање на контролата над затворот и дека се поддржани од вооружените сили однадвор.
Затворот се наоѓа на периферијата на јужниот град Латакунг и со околу 4.300 затвореници, тој е еден од најголемите во земјата. Од февруари 2021 година, во тој затвор, според извеѓтаите имало седум масакри меѓу затворениците, во кои имало повеќе од 400 мртви.
Службеникот на администрацијата Хорхе Флорес претходно пред новинарите изјави дека според првичните информации, меѓу жртвите е и Леандро Нореро.
Нореро, наречен „Ел патрон“, уапсен во мај за перење пари, шверц на дрога, важи за еден од водачите меѓу затворениците, објавуваат тамошните медиуми.
Според написите, властите досега не успеаја да го спречат насилството во тој затвор, каде често се користи ладно оружје и кој е обележан со обезглавувања и други варварски чинови.
Според официјалните проценки, во преполните затвори во земјата има околу 35.000 затвореници, од кои многумина се членови на бандите за трговија со дрога. Во 2021 година, Еквадор заплени рекордни 310 тони дрога, главно кокаин.
Еквадор се граничи со Колумбија и Перу, најголемите производители на кокаин во светот.