Утрински Весник
Македонија

(Видео) Шкријељ: Дијалогот успеа, рекордно зголемување од 15 отсто на платите во образованието

Дијалогот на Владата предводена од СДСМ со Синдикатот за образование, наука и култура, успеа. Постигнат е договор за зголемување на платите во образованието во висина од 15 отсто, од септември оваа година, односно зголемување во просек од над 3.500 денари, во време на најголема светска економска криза, изјави Санела Шкријељ, пратеничка од редовите на СДСМ.

Ова, како што оцени Шкријељ е историско зголемување на платите во основното и средното образование. Дополни дека досега во три наврати платите во образованието се зголемија за 21 отсто.

„Тоа значи дека за само пет години, платите во образованието кумулативно ќе се зголемат за 36 отсто или за повеќе од една третина. Во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, платите во образованието се зголемија за едвај четири отсто. Важно е да се напомене, дека платите на оние кои штрајкуваа ќе бидат исплатени, но и дека следува изработка за нова методологија за континуиран раст на платите во образованието секоја година, без тоа да зависи од нечија политичка одлука или волја“, прецизира пратеничката од СДСМ.

Таа апелираше до СОНК за брзо и целосно прифаќање на договорените услови, а потоа и за потпишување на Спогодбата, за потоа надлежните институции да продолжат со потребните активности за реализација на покачувањето.

Можете да прочитате

Поделени ставови пред српската амбасада во Скопје – Поддршка за студентите, но и критики

Уапсени девет возачи за „безобѕирно управување со моторно возило“, тројца возеле без положен возачки испит, а шест под дејство на алкохол

Јосифоска: На 34 години ќе ме оставевте во количка и ќе ми го запревте животот