На 28 април (четврток), со почеток од 19 часот, во Клуб-ресторанот на МКЦ ќе се одржи промоција на новата книга на Ана Јовковска, „Емотивен талог“.
Ана Јовковска, научна истражувачка, магистерка по културолошки студии, дипломирана новинарка, колумнистка, ТВ-уредничка, специјалист за односи со јавност и тренер по комуникациски вештини, веќе добро ја познаваме како автор.
По четирите објавени книжевни дела, сега ни се претставува со едно поинакво четиво, збирка од раскази, колумни и есеи именувани како „Емотивен талог“.
Илустрирајќи ги своите лични доживувања, интимни искуства и длабоко почувствувани ситуации, таа ги преиспитува релациите на себството и Другиот, слободата и љубовта, диктатот на технологијата, моралот и ропството, социо-емоционалниот развој на децата, консумеризмот наспроти (не)грижата за природата… но среде сето тоа, Јовковска гласно го поставува прашањето за среќата.
Ана Мартиноска и Соња Стојменска-Елзесер ќе бидат во улога на промоторки, но пред сè, и на читателки. Сиот разговор за книгата, што ќе биде мултимедијална синтеза од разговор, музика и дружење, ќе ви помогне да се приближите до суштината на оваа книга, како што вели авторот на поговорот Гоце Смилевски, на оваа „топла човечка порака и препорака за искрено и вдаховено живеење“.
Текстот В четврток промоција на новата книга „Емотивен талог“ на Ана Јовковска е превземен од МАКФАКС.